Газдите тријат раце, но синдикатите најавуваат радикални чекори

Lorita
By Lorita 9 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Владата планира повторно да го отвори прашањето за недела неработен ден со образложение дека во некои дејности треба да се овозможи работа во недела. Работодавачите се задоволни што со овие измени на законот ќе се овозможи во некои процеси да се врати старото решение, а синдикатите се против секакви измени на законот бидејќи со тоа ќе им се скрати уште едно право на работниците.

Тие не исклучуваат можност да преземат радикални чекори за да го заштитат правото на работниците да не работат во недела.

Министерот за економија Бесар Дурмиши вчера изјави дека при отворање на законот за недела неработен ден не се планира укинување на концептот „недела неработен ден“, но се разгледуваат можности за ослободување на одредени дејности од ова правило.

Притоа не кажа во кои дејности би се дозволило да се работи во недела, но рече дека стопанските комори и одделни занаетчиски комори бараат ослободување на специфични дејности од правилото.

Тој најави дека прашањето ќе се разговара на економско социјалниот совет.

Синдикатите се против секакво отворање на Законот за недела неработен ден, бидејќи сметаат дека со тоа ќе придонесе да се укине уште едно стекнато право на  работниците, а вметнувањето на нови дејности во делот на ослободување од правилото би создало хаос во примената на законот.

– Без разлика дали изјавата на министерот Дурмиши е пробен балон или најава да се укине стекнатото право на работниците, наш став е дека со отворањето на прашањето за недела неработен ден се прави нов упад во  работничките права. Ова право го добија работниците по голема борба и нема да дозволиме никој да им го скрати. Законот и сега дозволува некои од дејностите каде што производниот процес не може да трпи да се работи во недела. Тие дејности точно се утврдени во законот. Секое вметнување на некаков начин на ослободување на други дејности од обврската да не се работи во недела ќе предизвика хаос во примената на законот и тоа ќе значи почеток на укинување на правото, бидејќи работодавачите ќе најдат начин да ги принудат работниците да работат во недела. Не прифаќаме ниту наводно изјаснување на работниците дека сакаат да работат во недела бидејќи тоа е најлесниот начин работодавачите да им наредат на работниците да работат во недела. Такви работи сме имале и уште имаме во нашите компании и нема да дозволиме да предизвикаме нови со овој закон – вели Игор Герасов, член на претседателството на ССМ и претседател на Синдикатот на индустријата енергетиката и рударството.

Тој тврди дека синдикатите будно ќе ги следат случувањата и доколку се направи обид да се скрати ова право на работниците ќе преземат, ако е потребно, и радикални чекори.

– Прашањето е легитимно да се расправа на Економско – социјалниот совет иако сметаме дека нема потреба од негово отворање. Ние ќе го браниме нашиот став и нема да дозволиме на мала врата да се укине уште едно право на работниците. Сепак, ако бидеме надгласани од владата и работодавачите, што е можно кога тие се во спрега и сакаат да укинат некое право на работниците, ќе бидеме принудени да преземеме радикални чекори – вели Герасов.

- Advertisement -
Ad image

Според него, и сега 10% од вработените во земјава не се синдикално организирани и се оставени на милост и немилост на работодавачите кои ги кршат сите законски права на работниците, а никој не ги казнува за тоа.

– Тоа може да се види од поплаките на работниците во Сојузот на синдикатите кои доаѓаат како од членовите на синдикатите, така и од работници кои не се членови во нашите синдикати  – вели Герасов.

Од Организацијата на работодавачи, стопанските и занаетчиските комори подолг период се бара укинување на недела неработен ден или зголемување на дејностите кои можат да работат во недела.

- Advertisement -
Ad image

– Нашите анкети како и на Стопанската комора говорат дека работодавачите бараат да се овозможи да се работи во недела. Тоа го бараат и работници кои сакаат да заработат повеќе пари со работа во недела. Но, притоа треба треба јасно да се каже дека работодавачите мора да ги почитуваат законите и да го плаќаат работникот кој работи во недела. Изигрувањето на правилото од некои работодавачи, беше и основната причина да се воведе недела неработен ден – вели Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи.

Тој смета дека со донесувањето на Законот за недела неработен ден се избрза, а со најавените измени или неговото повторно отворање ќе се овозможи некои сврзани процеси во одделни дејности да можат да работат во недела.

– На пример во млечната индустрија, сега имаме состојба дека секторот собирање на млеко работи, а производството не работи. Има информации дека работниците се пријавуваат да работаат во првиот сектор. Има и други примери каде што сопственик на дуќан во одделна дејност може да работи, а во друга да не работи. Тоа е нерамноправен пристап и сметам дека треба да се измени. Дополнително, голем број работници сакаат да работат во недела за да го подобрат семејниот буџет и тоа е легитимно и треба да се дозволи. Враќањето на недела за работен ден во одделни дејности ќе придонесе и за дополнителен прилив на пари во државната каса што е добро за државата – вели тој.

Најзасегнатите работниците со различен поглед кон најавата дека ќе се расправа за законот за недела неработен ден.

– Само што се навикнавме да не работиме во недела, да имаме малку време за семејството и да се опуштиме, пак некој сака да не врати назад. Знае ли министерот што предлага измени или скриено укинување на недела неработен ден, дека работниците нема да добијат ниту пари ниту пак неработни денови. Кој плаќа празник и неработен ден? Нека ги праша работниците во некои текстилни фабрики, кај некои трговци.., па ќе види каква е состојбата. Газдите не плаќаат К-15 или прават гимнастики со неговото исплаќање. Познато е и дека прикажуваат денар плата за да ги платат обврските кон државата, а работниците со месеци не примаат плата. Во овој хаос барем недела ни беше загарантирана како неработен ден и тој сега ќе го снема. Затоа нека не се чудат што немаат работници, а младите си одат во странство – вели Маргарита, вработена во трговска компанија.

Вработен, пак, во компанија во која поради процесот на производство мора да се работи во недела вели дека владата пред да продолжи со постапката за измени на законот или негово целосно укинување треба да направи анализа на тоа како се применува законот во компаниите каде што треба да се работи во недела.

– Не е добро да се поигруваат со работниците и да укинуваат право кое го добиле, но кај нас сè се прави според тоа како дуваат ветриштата. За волја на вистината во фирмата каде што работам се плаќа неработниот ден, но има компании во кои се изигрува обврската, па работниците се незадоволни. Предлагам владата да направи анализа на тоа кој ги плаќа а кој не ги плаќа работниците во недела. Тогаш ќе ја имаат вистинската слика и ќе можат да одлучат правилно. Ако се прашаат работниците тие сакаат неработен ден, но ќе работат ако мораат и да не бидат платени – вели тој.

Што ќе се случува со најавата на министерот за економија за промени во законското решение за недела неработен ден ќе се види наскоро кога прашањето ќе дојде на дневен ред во Економско социјалниот совет.

Share This Article