Претседателот на големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш, кој е во прва официјална посета на Македонија, во интервју за МИА вели дека очекува двојно да се зголемат турските инвестиции во земјава.
– Помеѓу двете земји постојат блиски односи кои се рефлектираат и во самата економска соработка. Кога сме кај билатералниот трговски обем помеѓу нашите две земји, трговскиот обем се движи приближно до милијарда долари и сметаме дека е недоволно. Сметаме дека билатералниот обрт од 2 милијарди долари е реална цел која може да се достигне и знам дека и кај двете страни има волја да се развива обостраната трговија. Знаеме дека во земјава има голем број турски инвеститори кои според моите познавања и информации кои ги имам нудат вработување за над 10.000 граѓани на оваа земја – истакна Куртулмуш.
Турските компании, додава тој, се присутни и во инфраструктурните проекти. Курулмуш го нагласи фактот дека во октомври во земјава е отворена регионална канцеларија на компанијата од одбранбената индустрија „Аселсан“.
– Секако дека во оваа прилика би сакал да го поттцртам фактот дека во одбранбената индустрија имаме развој на билатералната соработка, фактот дека турската државна компанија од одбранбената индустрија „Аселсан“ отвори канцеларија во Скопје, која не е одговорна само за Северна Македонија туку и за целиот балкански регион. Мислам дека е многу значајна во насока на продлабочување на нашата соработка – рече претседателот на турскиот Парламент.
Во врска со соработката во туризмот, како што вели Куртулмуш, Македонија има исклучителни места за турските туристи, особено Скопје и многу други градови, кои како што посочи, се многу слични како старите османлиски градови Бурса, Маниса и Амасија.
– Земјата и градот имаат огромни историски и културни богатства и со тоа стануваат туристичка атракција која привлекува сè поголем број на туристи. Сметам дека билатералната економска соработка ќе продолжи да се развива и во иднина – истакна претседателот на Големото национално собрание на Турција Нуман Куртулмуш.
Тој престојуваше во прва официјална посета на Македонија, на покана на претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши.