Кривичниот суд сè уште не донел одлука по барањето за изземање на судијата Ивица Стефановски

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Кривичниот суд сè уште не донел одлука во врска со барањето на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо за изземање на судијата Ивица Стефановски од судењето за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Палевски е првообвинет за двете грабнувања и убиства, заедно со неговите сопартијци од Десна, Велобор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.

Од Кривичниот суд велат дека одлуката за изземање треба да ја донесе претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и дека таа ќе биде обелоденета за јавноста на следното рочиште, кое е закажано за 20 јануари. Пред да дознае јавноста, за одлуката на претседателот Џолев треба да бидат известени сите странки во постапката.

Ако биде донесена одлука за изземање на судијата, судењето ќе почне од почеток.

Обвинетиот Палевски на последното рочиште на 20 декември побара да се изземе претседателот на судечкиот совет Ивица Стефановски, затоа што, како што рече, тој е необјективен, пристрасен и не му дозволува правична одбрана. Палевски рече дека побарал податоци од СВР Велес во врска со тоа дали кај другите обвинети се бара оружјето со кое се убиени Ѓорчевска и Жежовски, а оттаму му одговориле дека тие информации ќе ги добие преку судијата.

– Судијата после 10 одржани рочишта сè уште одбива да издаде наредба за прибавување податоци од СВР Велес. Освен оружјето, ја барав и потврдата за одземените предмети од обвинетиот Боре Видевски, кому при приведувањето му е одземен мобилен телефон и ташничка, која чудно исчезнува на пат кон полициската станица Кисела Вода и во извештајот не постои ташничката на Видевски. Изговорот на судијата, дека е рано да се бара оружјето во две убиства, ја спречува мојата одбрана – рече обвинетиот Палевски.

Тој изнесе забелешки за однесувањето на ОЈО Скопје и на СВР Скопје, за кои тврди дека за време на истрагата ниту еднаш не прашале ниту еден од останатите тројца обвинети дали поседуваат оружје со или без дозвола, како и дека кај нив не е  барано оружјето.

Судијата Ивица Стефановски рече дека неговото барање на податоците е предложено во листата на докази на одбраната, судот е запознат со истото и ќе биде презентирано во делот кога ќе биде изнесувана одбраната.

– Барањето за мое изземање од процесот ќе биде предложено до претседателот на судот – рече судијата.

Share This Article