На ЕУ ѝ е потребно лидерство и искрено да се залага за зголемување на ЕУ семејството, затоа што Македонија ги исполнува условите, смета пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски. Во вечерашното гостување на Вин-Вин на Телма телевизија тој рече:
– Оваа тема станува тема за луѓе кои се подолго време упатени во контекст на евроинтеграциите. Затоа ќе повторам, ние не сме совршени, ниту како држава ниту како регион, имаме прилично работи за подобрување. Но, сметам дека Европската Унија и недостига таа стратешка визија, што треба да се направи со овој регион и во кој рок – дециден е Милошоски.
Милошоски во својот говор притоа ја истакна усвоената Солунската агенда во 2003 година, образложувајќи дека истата претставувала афирмација за европската перспектива на државите од регионот. Тој напомена дека денес реалноста е сосем поинаква и дека, како што вели, разочараноста од земјите од регионот е сосем оправдана.