Од петок попладне под влијание на циклонска активност ќе започнат врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места од снег, најави Управата за хидрометеоролошки работи.
Во сабота, поради спуштање на студена воздушна маса од север ќе дува засилен северен ветер чија брзина ќе изнесува над 65 километри на час и врнежите ќе преминат во снег и во некои од пониските места.
„Наместа врнежите ќе бидат пообилни, над 30 литри на квадратен метар, а на планините снежната покривка позначително ќе се зголеми. Помала снежна покривка се очекува и во некои од пониските места“, соопшти УХМР.
Во Скопје од петок попладне и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Во сабота ќе дува засилен северен ветер и во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат преминат во снег.
Во недела ќе има преодно стабилизирање на времето, а нови врнежи од дожд и снег се очекуваат од понеделник попладне.
Минималните температури деновиве ќе се движат од минус 5 до 5 степени, а дневните ќе варираат од минус 1 до 14 степени Целзиусови.