Авиокомпанијата „Визер“ денеска објави дека почнува со продажба на билети за трите нови авиолинии од Меѓународниот аеродром Скопје до Барселона, Лион и до Штутгарт.
– Како ТАВ Аеродроми, воодушевени сме што можеме да го објавиме враќањето на Барселона како дестинација за одмор од скопскиот аеродром, од 3 мај 2025 година, на која ќе сообраќа „Визер“, особено зашто тоа беше најпосакуваната рута од нашите патници. Дополнително, освен до Барселона, Визер следната година ќе ги воведе и Лион и Штутгарт, како нови дестинации од скопскиот аеродром, што ќе биде предност за сите бидејќи со ова се проширува мрежата на дестинации од скопскиот аеродром, мапата на авиолинии на „Визер“, како и опциите за патување за секој авантурист. Со ова проширување на мрежата на авиолинии, со нетрпение очекуваме и целиме кон понуда на поголема удобност и подобрување на поврзувањето со светот за нашите патници – вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
Резервациите за трите нови дестинации, достапни од Меѓународниот аеродром Скопје, се отворени од денеска. Летовите ќе почнат од 3 мај следната година за Барселона и ќе има летови секој вторник и сабота, на 1 мај почнуваат летовите за Лион секој вторник, четврток и сабота, додека, пак, летовите до Штутгарт ќе започнат да сообраќаат на 29 септември трипати неделно, во понеделник, среда и во петок.
Летовите до новите дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје може да се резервираат на официјалната веб-страница на „Визер“ и преку мобилната апликација на авиокомпанијата.
Основните цени почнуваат од само 24,99 евра за Штутгарт и 29,99 евра за Лион. Летовите од Скопје до Барселона се достапни по цени од 31,99 евра.