Немаме намера да ги зголемиме давачките, ниту да ја зголемиме старосната граница за пензионирање иако Светска банка ни препорачува да ги зголемиме дел од даноците и придонесите и да ја зголемиме старосната граница за пензионирање, изјави премиерот Христијан Мицкоски по денешната средба со Советот на странски инвеститори.
– Најлесен начин е да ги сведеме проблемите на дополнителни давачки на граѓаните. Тоа оваа влада нема да го прави. Ќе се бориме да обезбедиме да останат истите услови на пазарот за истите давачки дури и да ги намалиме тие давачки за граѓаните. Притоа сите оние кои се дел од сивата економија преку мерките кои ќе ги преземеме, ќе ги предупредиме дека треба да бидат пренасочени на формалниот пазар и да преминат во формалната економија за да ги зголемиме приходите во буџетот. Еден од проектите е е-фактура кој е почнат и ако се прави анализа буџетските средства се зголемуваат со ваков проект. Со сета почит кон Светска банка и добро е некој да не предупредува. Добро е да имаме камен во чевелот што ќе не предупредува, но ние ќе работиме на остварување на нашите цели. Знаете каков раст прогнозираше Светска банка за годинава, па имаме многу повисок раст – рече Мицкоски.
Тој повтори дека владата нема да посега по даноците за да ги решава напластените проблеми, туку дека многу ќе работи за да го подобри стандардот на граѓаните.