Рано утринава, во 01 часот и 36 минути, телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија регистрираше земјотрес со епицентар на 47 километри југозападно од Скопје, во епицентралното подрачје Тетово-Гостивар.
Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот имал Рихтерова локална магнитуда од 2.3 степени.
„Од достапните информации, потресот бил почувствуван во Гостивар и околните населени места со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала. Според експертите, ваквите потреси обично не предизвикуваат штети, но може да бидат забележани од жителите, особено во потивки часови“, велат сеизмолозите.
Од опсерваторијата соопштуваат дека продолжуваат со мониторинг на сеизмичката активност во регионот.