Полицијата попладнево влезе во Судскиот совет, каде што врши претрес. Полицијата бара записници од седница на Судски совет во врска со мандатот на поранешната претседателка Весна Дамева, која минатата недела, на 2 декември, два дена пред истекот на мандатот, поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет.
„Полициски службеници по Наредба на ОЈО Скопје постапуваат во Судски совет, односно се обезбедуваат два записници, за да се проверат евентуални елементи на кривично дело“, информира Основното јавно обвинителство Скопје.
Дел од медиумите објавија шпекулации дека претресот е во врска со поранешниот функционер од ДУИ, Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети, кои завчера беа ставени на американската црна листа, но од ОЈО негираат.
Од Скопското обвинителство појаснуваат дека постапувањето на полицијата не е поврзано со формираниот предмет за црната листа на САД, туку се однесува на известување од МВР во кое е побарана обвинителска наредба за обезбедување на записници од седница на Судскиот совет во врска со мандатот на Дамева.
Дамева пред да ја поднесе оставката имаше обид да си го продолжи мандатот како претседател на Судскиот совет во време од 8 месеци, колку што ѝ траеше прекинот во двегодишниот мандат, откако лани на незаконски начин беше сменета од функцијата, а беше вратена кога ја доби правната битка пред Управниот суд.
Премиерот Христијан Мицкоски на 28 ноември од собраниската говорница, одговарајќи на пратенички прашања, рече дека континуирано добива информации за тоа што се случува во Судскиот совет.
– Таму има еден клан од двајца, еден од тројца, една е сама, добивам документи од свиркачи за фалсификувани записници со различни дати, различни печати, без потписи. И ако тоа не е основа за јавниот обвинител да влезе и да провери, не знам кој глас треба да допре до Обвинителството, за да постапи – рече тогаш премиерот Мицкоски.