Демократската унија за интеграција (ДУИ) побара итна оставка од претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски поради како што вели, скандалозна изјава.
„Реакцијата на претседателот на Уставниот суд на прес-конференцијата ја означува кулминацијата на неприфатливоста. Прашан од новинар за недостигот на албанскиот јазик на таблата зад него, и покрај фактот што законот за употреба на јазиците е во сила, претседателот изјави дека ‘знае дека законот е во сила, но дека не му се допаѓа законот’. Таквата изјава е скандалозна и целосно неприфатлива! Лице кое отворено изразува несогласување со законите во сила и применува двојни стандарди на толку важна позиција како претседател на Уставниот суд, не може да биде достојно за да продолжи со должноста. Неговото однесување ја поткопува не само довербата на граѓаните во институциите, туку и основните принципи на демократијата и меѓуетничката еднаквост“, се наведува во реакцијата на ДУИ.
Поради овие причини, ДУИ повика на итна оставка на претседателот на Уставниот суд и наведува дека „ваквите случувања не треба да се толерираат под никакви околности, а институциите треба да дејствуваат за да го гарантираат почитувањето на законот и вредностите на меѓуетничката еднаквост.“
Од ДУИ додаваат дека одлуката за продолжување на процесот на проценка на уставноста, и покрај бојкотот од судиите од албанската и турската заедница, претставува „загрижувачки показател за недостиг на почит кон еднаквоста и меѓуетничката хармонија.“