Пратеничките групи на опозицијата во Собранието на Србија поднесоа барање за разрешување на Ана Брнабиќ од функцијата претседател на Собранието, јавија српските медиуми.
На прес-конференција пратеникот Радомир Лазовиќ рече дека барањето за разрешување е поднесено поради „прекршување на Уставот на Србија, Законот за Собрание и на Деловникот за работа на Собранието на Србија“.
– Надлежност на Собранието е да донесува закони, да изменува закони, да го носи буџетот, а на носењето закони и донесувањето на буџетот мора да му претходи јавна расправа. Јавната расправа се води начелно и детално, а право на учество има секој пратеник на расправата – рече Лазовиќ.
Според него, однесувањето на претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, било непримерно.
– На состанокот можеше да се види нејзиното однесување. Седницата практично не се ни одржа бидејќи расправата не се водеше ниту во целост ниту детално. Ана Брнабиќ ја доведе јавноста во заблуда дека никој не зборувал во расправата за амандманите бидејќи јас и колешката Спириќ зборувавме. Исто така, Ана Брнабиќ на претходната седница не го дозволи предлогот за гласање недоверба на Владата, по предлог на 85 пратеници – нагласи Лазовиќ.