„Сопругата на соборениот сириски лидер, Башар ал-Асад, е санкционирана личност и не е добредојдена овде во Британија“.
Ова го изјави министерот за надворешни работи, Дејвид Лами.
Тој го кажа ова откако премиерот рече дека е премногу рано да се каже дали владата ќе ѝ го одземе британското државјанство на Асма ал Асад, објави британски Стандард.
Асма ал Асад е родена во Лондон во 1975 година, пораснала и се школувала во градот. Се верува дека сега е во Москва, со својот сопруг, каде што соборениот лидер побегна. По брзиот колапс на режимот на Асад, коалицијата на бунтовнички групи во неделата ја презеде контролата врз Дамаск.
– Видов дека Асма Асад изминативе неколку дена се споменува како некој со британско државјанство што би можел да се обиде да влезе во нашата земја и сакам да се потврди дека таа е санкционирана личност и не е добредојдена овде во Британија – рече Лами, одговарајќи синоќа на прашања во долниот дом на парламентот.
Запрашан за можноста владата да ѝ го одземе британското државјанство на Асма ал Асад, британскиот премиер Кир Стармер им рече новинарите дека сѐ уште се „далеку од тоа да одлучат што било“.
– Во моментов сме во ситуација што бргу се менува и затоа ни е многу важно да продолжиме да разговараме со нашите сојузници за да се увериме дека она што сега ќе се случи ќе биде мирно – рече тој.
Британскиот министер за меѓувладини работи, Пат Мекфејден, претходно во понеделникот изјави за Би-би-си дека владата не добила „никаков контакт или барање“ Асма ал Асад да дојде во Велика Британија.
Фото: EPA-EFE/YOUSSEF BADAWI