Министерот за здравство Арбен Таравари по вчерашниот колапс е во добра состојба во неговиот дом, потврдија денеска за МИА, извори од Министерството за здравство.
– Министерот е во добра состојба, добар е, дома е, одмара. Тој е во најдобра можна состојба. Не е во болница, дома е. Вчера беше прво на Неврологија, па на Кардиологија, па во Рентген институтот и потоа си замина дома. Ги направивме сите можни анализи, сѐ е чисто, сѐ е добро. Просто е – премор – појаснија од Министерството за здравство за МИА.
Министерот за здравство Арбен Таравари на својот профил на Фејсбук објави дека вчера ненадејно колабирал и дека бил итно пренесен во болница.
Тој рече дека во моментов се чувствува добро, ги демантира шпекулациите кои кружеле вчера дека доживеал срцев удар, и дека ги чека анализите од докторите.