Во Вилнус се пронајдени црните кутии на товарниот авион на ДХЛ, соопшти денеска литванското Министерство за правда.
Како што е соопштено, црните кутии биле пронајдени околу 11:30 часот и биле извадени од остатоците на авионот.
Претходно Јавното обвинителство на Литванија соопшти дека досега собраните податоци укажуваат дека причина за падот на авионот на ДХЛ може да биде технички дефект или грешка на пилотот.
Според информации прелиминарните причини за авионската несреќа треба да бидат познати во рок од неколку дена.
Виткаускас, исто така, го негираше извештајот на управата на ДХЛ во Германија дека авионот извршил принудно слетување.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во понеделникот изјави дека Германија работи со Литванија и Шпанија на истрага за авионска несреќа во близина на аеродромот во Вилнус за да се утврди дали станува збор за несреќа или друг хибриден напад, пренесе Ројтерс.
Бербок рече дека бранот хибридни напади врз луѓето и инфраструктурата ја стави Европа во готовност.
Авионот на ДХЛ се урна во понеделник наутро во близина на аеродромот во Вилнус, при што загинало најмалку едно лице, а неколку се повредени.
Полицискиот претставник Рамунас Матонис за ЛРТ потврди дека во авионот имало четири лица, а еден од двајцата пилоти загинал.
Надлежните сѐ уште немаат информации за евентуални жртви во близина на зградата или во зградата каде што се урнал авионот.