Електричните автобуси за јавниот градски превоз ќе се набавуваат на тендер кој се очекува да се распише до крајот на годината, техничката документација се подготвува, a заинтересираните компании ќе можат да се пријават, информираше денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по поставување на камен темелник за изградба на детска градинка во рамки на постојната ЈДГ „8 Март“ во Општина Кисела Вода.
Мицкоски истакна дека набавката на автобусите ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето и ќе го подобри имиџот на државата.
Како што рече, ќе се набават меѓу 100 и 120 автобуси, од кои најголем дел ќе завршат во Скопје, но и во другите општини, ширум државава, кои имаат организиран јавен градски превоз, зашто, посочи, би било нефер и нечесно сето тоа да заврши во Скопје бидејќи и другите општини имаат организиран јавен градски превоз.
– Да речеме ако набавиме 120, тоа би одело во пропорција можеби 70/ 50, 80/40, станува збор за електрични автобуси, еколошки заедно до 50 места за полнење односно полначи и со сета таа арматура којашто е потребна за да се полнат сите овие автобуси – изјави премиерот.
Во однос на техничките спецификации, тој рече дека времетраењето на полнењето ќе биде околу два и пол часа, што ќе биде доволно за да сообраќаат 350 и 400 километри на дневно ниво.
– Мислам дека кога тие ќе се појават на улиците ширум градовите, и за државата мислам дека драматично ќе влијаат да се намали и загадувањето во онаа мера во којашто тие можат и тоа навистина ќе значи добар имиџ за нас како држава – дека ние во Македонија, еве, конечно имаме електрични автобуси кои сообраќаат по конкурентни цени зашто можеби имало во минатото, но знаете, тие беа проследени со многу сомнежи за криминал и за корупција – рече премиерот.
Надлежните ги утврдуваат условите, се подготвува техничката документација, се скенира пазарот, електричните автобуси ќе се набавуваат на тендер, рокот за плаќање ќе биде на осум полугодишни рати или за 4 години.
– Тендер ќе има, ги дефинираме условите, го скенираме пазарот, гледаме каде има, колку заинтересирани има. И сите оние коишто ценат дека ќе треба да се пријават, нека се пријават, ќе ги дефинираме и условите на плаќање. Условите на плаќање ќе бидат такви за да почнеме да ги отплаќаме некаде во првата половина од 2028 година на 8 полугодишни рати, што ќе е во период од 4 години или во период од 3 години грејс период, така што мислам дека ќе биде добро. Го подготвуваме (тендерот), техничката документација, очекувам до крајот на годината да се распише – кажа Мицкоски.
Во однос на сегашната состојба со автобускиот превоз во Скопје и обвинувањата од градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, за политички опструкции, одговарајќи на новинарски прашања, премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата интервенирала откако градот не успеал сам да најде решение за акутниот проблем. Преку Бирото за јавни набавки, краткорочно е решен проблемот со 250.000 тони нафта кои, како што посочи премиерот, ќе бидат доволни за извесен период, градот ќе треба трајно да го реши проблемот.
– Обид наместо да се сработи нешто, да се префрли вината на друго место. Ние, како влада, откако увидовме дека е сериозен проблемот и дека градот не може да изнајде решение, одлучивме да ги замолиме граѓаните преку нафтените резерви да интервенираат, да му позајмат на градот, односно на јавното сообраќајно претпријатие, 250.000 тони, и тоа го направивме уште истиот ден и веќе другиот ден се нормализираше состојбата. Од друга страна, во еден телефонски разговор со градоначалничката ја замолив преку претпријатието да достави барање до Бирото за јавни набавки, соодветно како што треба по закон, по процедура по којашто ќе бара скратена постапка по пат на преговарање. Бирото за јавни набавки, откако го увиде барањето, го анализира, констатира дека согласно закон, итн… одговори позитивно уште во четвртокот така што веќе денеска би требало да ја почнат таа процедура бидејќи 250.000 тони ќе бидат доволни за 10 дена-две недели, но сепак ќе треба трајно да си го решат проблемот. Е сега, прашањето е зошто е акумулиран толкав долг, зошто цената била толку висока итн., а тоа е веќе друго прашање. Мислам дека по налог на обвинителството, ако не се лажам, финансиската полиција веќе го истражува тоа – нагласи премиерот.