Третата светска војна е веќе започната, но војната во Украина може да се заврши за 24 часа ако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го покани Киев во НАТО, смета поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко.
– Сепак, победата во рок од 24 часа е можна со покана на Украина во НАТО. Без таков потег војната нема да биде запрена ниту за 24 години – предупреди тој во интервју за „Тајмс оф Малта“.
Како што наведе, Украина и лидерите на НАТО треба да учат од примерот за време на Студената војна, кога Западна Германија беше примена во НАТО, иако Советскиот Сојуз го окупираше истокот на земјата.
Порошенко ги повика светските лидери да се разбудат поради, како што рече, Третата светска војна која веќе се случува:
– Имаме севернокорејски војници на територијата на Украина. Имаме беспилотни летала од Иран кои удираат непосредно пред мојата куќа. Имаме севернокорејски ракети кои ја напаѓаат енергетската инфраструктура во Киев и артилериски гранати доставени до Русија од Северна Кореја и Иран – рече тој во интервју за „Тајмс оф Малта“.
Според Порошенко победата на Украина „не значи убиство на Путин или ставање на украинското знаме на Кремљ“, туку да се спречи Русија да ја продолжи војната.
Поранешниот украински претседател вели дека не смее да има компромис за украинскиот суверенитет и независност, нагласувајќи дека Украина никогаш нема да биде колонија на Русија, туку дека е земја која сака да влезе во ЕУ и во НАТО.
фото: EPA / MYKOLA LAZARENKO / POOL