Владата ја поништи одлуката за изградба на асфалтна база во индустриската зона Визбегово, имајќи ги в предвид аргументите на граѓаните и бизнисот дека тоа е штетно. Ќе бараме други решенија, изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Меџити денеска ја посети локацијата каде беше предвидена изградбата на асфалтната база, пред стопанствениците, жителите на оваа населба, од каде порача „тука сме да покажеме дека знаеме да ги чуеме граѓаните и бизнисот“.
– Како Влада ги имавме предвид аргументите и одлучивме тоа да се поништи како решение, да се бара друго. Ние сме про-бизнисот, но не по цена на здравјето и природата – изјави Меџити.
Меџити, исто така, посочи дека ќе имаат почести состаноци и ќе разговараат и околу други институционални проблеми, како патот и пристапот до економската зона Визбегово.
Драган Цветановски од Здружението на стопанственици на индустриската зона Визбегово, порача дека дислоцирањето на асфалтната база за нив значи прв чекор за враќање на соработката на институциите со бизнисот.
– Наша примарна работа е да работиме, да наоѓаме нови производи и нови пазари и да обезбедуваме услови за работа. Зборувањето за депонија, пат или асфалтна база во Индустриска зона за нас е губење време… Инфраструктурните прашања на Индустриската зона би требало да не се во наш домен и да не разговараме и преговраме за тоа, за жал сме во ситуација во која што сме – порача Цветановски.
Цветановски, исто така, посочи дека барањето што го имаат од пред 15-тина години е изградбата на новиот пат и пристапните патишта до Индустриската зона остануваат главен приоритет