Изборниот материјал за парламентарните избори во Албанија, што ќе се одржат идната пролет, ќе биде и на македонски јазик, како и на јазиците на останатите осум малцинства во земјата, признати со законот донесен во 2017 година.
Ова го соопштил претседателот на Централната изборна комисија на Албанија, Илиријан Целибаши, на средба со претставниците на националните малцинства, поточно членовите на Комитетот за малцинства, каде претставник на македонското малцинство е Марјана Костофски.
„Во фокусот на средбата беше до сега сработеното во однос на информирањето на националните малцинства на нивниот јазик за изборниот процес, како и тоа што треба понатаму да се направи, со цел подобрување на информираноста и нивна едукација за претстојните избори. Го истакнав правото на секој да добива информации за изборите и пред сè преку сите средства за информирање“, објави на Фејсбук Целибаши.