Дочекот на Нова година се чини не го изгуби значењето за најголем дел од граѓаните. Подготовките за овој ден траат и со месеци, а се одбираат дестинации во странство каде што се очекува најубав дочек. Поголем поттик за патување во странство годинава е и тоа што цените на туристичките агенции се или исти или зголемени за 20% во однос на лани, а полн погодок за продажба на сите планирани места е тоа што програмите се прават според интересот на граѓаните.
Туристичките работници објаснуваат дека има голем интерес за новогодишните понуди бидејќи најголемиот дел од граѓаните планираат на избраната дестинација да се задржат повеќе денови, да имаат и прошетки и забава во градовите во кои ќе патуваат и да не размислуваат за дополнителни трошоци, односно да добијат целосно патување во една цена.
Граѓаните велат дека ги одбираат дестинациите на кои се престојува повеќе од еден ден, бидејќи покрај дочекот на Новата година сакаат да поминат неколку дена во градот каде што патуваат.
– Така е подобро бидејќи дочекот на Нова година исцрпува. Одбирам необични дестинации каде се организираат и поинакви, би рекла луди забави. А потоа сакам да видам нешто повеќе во градот каде што ќе одам. Обично избирам град во кој не сум била за да запознам нова култура, а за тоа се потребни најмалку 10 дена. Затоа чувам и дел од одморот кој го трошам во зима – вели Марица П. од Скопје која годинава ќе патува во Шри Ланка.
Според туристичките работници за новогодишните празнувања најмногу ќе се патува во регионот. И тоа во Грција, Србија, Црна Гора, Бугарија и во Турција каде што Истанбул и Анталија се водечки. Граѓаните ги одбираат за Нова година и поголемите европски градови – Париз, Рим, Прага… но, не изостануваат ниту поскапите дестинации што е избор на граѓаните со подлабок џеб. Оваа година покрај Дубаи, Сејшелските острови, актуелни се Јапонија и Шри Ланка.
– Цените и дестинациите веќе се објавени, а граѓаните можат да изберат од регионот до подалечни дестинации. Најбарани се грчките градови, ски центрите во Србија и во Бугарија, но и подалечни дестинации за оние кои можат да платат повеќе. Цените во дел од овие земји споредено со лани се зголемени за 20 отсто, но во одредени земји цената е иста како и лани. На пример на Копаоник во Србија веќе се зголемија цените за 10%, а во Бугарија останаа ланските цени – вели Дончо Нацески од агенцијата „Арбо травел“.
Тој појаснува дека во зимските скијачки центри за дочек на Нова година се доплаќа околу 100 евра плус на износот за повеќедневниот престој.
Сузана Зелениковска, менаџер за продажба во туристичката агенција „Фибула травел“ вели дека во тек е продажбата на пакетите за Нова година. Интерес има за Турција и европските метрополи.
– Годинава одбравме три дестинации кои ги сакаат граѓаните. Анталија, Истанбул и Париз. Одбрани се хотели со 5 ѕвездички со спа центри и разновидна програма кои им нудат убава атмосфера на посетителите. Дополнително во програмите кои се повеќедневни се вклучени дочекот на Нова година и прошетки во градовите. Цените се малку повисоки или исти со ланските. Четири ноќи во Анталија чини 589 евра по човек, за три ноќи во Истанбул се потребни 450 евра по човек, а за 5 ноќи во Париз патниците треба да издвојат по 450 евра по човек – вели Зелениковска.
Според неа, интересот на граѓаните за овие дестинации е голем бидејќи покрај дочекот на Новата година, се предвидени и посети на историски знаменитости.
– За интересот на граѓаните доволно зборува што програма за Париз е продадена. За Истанбул имаме уште некое место, а за Анталија побаравме проширување на бројот на патници – вели Зелениковска.
Преку „Фибула травел“ може да се престојува и во Банско за Нова година.
– Имаме редовни сместувања во овој скијачки центар. Цената е 45 евра на ден по лице, но интересно е тоа што и покрај тоа што организираме превоз, најчесто нашите клиенти патуваат со сопствен превоз – додава Зелениковска.
Дел од агенциите нудат и патување за Нова година во Јапонија кое за еден член чини 2.349 евра за престој од 5 дена, во Дубаи каде што за одмор од 9 дена цената изнесува 1.599 евра, за Сејшелските острови каде што престој од 10 дена чини 2.399 евра или за Шри Ланка и Малдиви за каде што треба да се издвојат 2.249 евра по едно лица за одмор од 15 дена со дочек на Нова година.