Уставниот суд вчера одлучи да ја оценува уставноста и законитоста за Законот за данок на солидарност. Судот ги прифати како основани дел од наводите во иницијативите на пет подносители за овој закон.
„Судот изрази сомнеж дека оспорениот закон ја повредува темелната вредност владеење на правото, уредена со членот 8 став 1 од Уставот и фундаменталните принципи на кои почива, како што е правната сигурност на субјектите во нивната правна положба, правната предвидливост и правната извесност во легитимните очекувања на субјектите во правото. Според дискусијата и аргументите во оваа насока, со донесувањето на Законот е нарушена правната сигурност на компаниите кои оствариле профит над 615.000.000 денари во 2022 година, со тоа што во септември 2023 година е донесен закон кој им наложува задолжителен вонреден данок на солидарност на веќе одданочениот профит од претходната година“, соопшти Уставниот суд.
Во расправата уставните судии изразија сомнеж дека станува збор за закон кој произведува повратно дејство, што е во спротивност со членот 52 од Уставот. Судот го имаше во предвид фактот дека ретроактивноста и нејзиниот исклучок се дозволени само кога станува збор за тековни постапки, но во случајот засегнатите субјекти ги окончале односите со плаќањето на данокт во 2022 година.
Судот во оваа фаза оцени дека со донесувањето на таков вид на данок, компаниите се ставени во нееднаква положба и дека Законодавецот направил упад во уставно загарантираното право на сопственост, како и упад во слободата на пазарот и претприемништвото.
„Иако Законодавецот во јавноста презентирал дека спорниот закон се носи за да се усогласи со Регулатива 2022 на ЕУ, Уставниот суд изразува сомнеж дали станува збор за усогласување, бидејќи ЕУ регулативата се однесува на вонредно одданочување на компании од енергетскиот сектор, кои оствариле значително зголемен приход како резултат на кризата, што не може да се спореди со субјектите кои се опфатени во Законот за данок на солидарност во Република Северна Македонија, бидејќи во законското уредување е предвиден критериум, а тоа е 615.000.000 денари, без оглед на тоа со каква дејност тој профит бил остварен“, соопшти Судот.
Во врска со аргументот на солидарноста, додава Судот, Законодавецот напоменува дека овој данок се плаќа во услови на непредвидливи и неповолни економски околности и е заснован на принципите на правичност, еднаквост и пропорционалност, според кои секој е должен да учествува во намирувањето на јавните расходи, согласно своите економски можности.
„Во расправата одредени уставни судии изразија сомнеж во овие аргументи на Законодавецот, со оглед на фактот дека суштината на солидарноста е да се подели товарот од сите, пропорционално, правично, а не селективно само на одредени субјекти, што може да води кон дискриминација. Во расправата беше посочено дека законодавецот не ја почитувал и уставната обврска за vacatio legis, односно пропуштил да даде аргументи и образложение за исклучокот од овој уставен принцип кој го применил во конкретниот закон“, соопшти Уставниот суд.
Судијата Добрила Кацарска најави издвоено мислење на решението на Судот за поведување на постапката.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски по седницата рече дека сега следува втората фаза на постапката, испитување на уставноста.
– На следната седница треба да го утврдиме нацртот на решението кое го донесовме денеска и потоа се обраќаме до доносителите на Законот, за да дадат свое мислење. Во врска со можната одлука, се знае кои се можностите. Судот може да укине, да поништи акт или во специфични ситуации да ја запре постапката. Не би сакал и не можам да прејудицирам ништо, сепак станува збор за одлука која ќе ја носат сите судии – рече Костадиновски.
На прашањето која опција е поверојатна, дали укинување или поништување на законот и кои ќе бидат ефектите, Костадиновски објасни дека укинувањето значи дека во иднина не може да се примени ниту да се донесе идентичен закон. Поништувањето подразбира да се поништат последиците кои настанале од укинатиот закон, односно, поништувачката одлука значи дека таков закон не ни постоел.
Одлуката на Судот за уставноста на Законот за данокот на солидарност се очекува на почетокот на следната година.