Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нема „ништо да каже“ за обвинувањата на украинската војска дека Русија утрово истрелала интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ) врз Украина. Шефот на воената администрација на украинскиот регион Дњепропетровск, пак, денеска соопшти дека Русија „масовно го напаѓа Дњепропетровск од утринава“.
Во разговор со новинарите, Песков одби да коментира, јави Си-Ен-Ен.
– Тоа е прашање за нашата војска – рече тој.
„Русија денеска лансирала интерконтинентална балистичка ракета ‘Кинџал’ од нејзиниот јужен регион Астрахан, како и седум крстосувачки ракети“, соопшти украинската војска.
Русија го употреби ова оружје со долг дострел првпат откако ја почна војната.
Нападот следуваше откако Украина оваа недела употреби американски и британски ракети за да нападне цели во Русија, за што Москва со месеци предупредуваше како потенцијална ескалација.
Цел на нападот биле бизниси и критична инфраструктура во централно-источниот украински град Дњепар, соопштија властите.
Дополнително, шефот на воената администрација на украинскиот регион Дњепропетровск, во кој се наоѓа градот Дњепар, денеска соопшти дека Русија „масовно го напаѓа Дњепропетровск од утринава“.
„Од раните утрински часови, агресорот масовно го напаѓа регионот“, напиша Серхиј Лисак на Телеграм.
Тој пријавил „оштетување на индустриско претпријатие“ во регионалниот главен град Днипро.
– Во градот имало два пожара – рече тој.
Според неговата последна објава на Телеграм, во градот Криви Рих загинале 2 лица. Подоцна ќе бидат објавени повеќе детали.
Лисак не го спомна обвинувањето од украинските власти дека Русија лансирала интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ) во нејзиниот напад врз регионот Дњепропетровск.