Сведокот Ерол Османи, кој беше повикан и од Обвинителството и од првообвинетиот Љупчо Палевски денеска го поби тврдењето на Палевски дека обвинетиот на 22 ноември му поправал котел.
На денешното рочиште во процесот за расветлување на убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, што се случија лани во ноември, Османи рече дека од обвинетите го познава само Љупчо Палевски. Се запознале околу 2000 година кога Палевски издавал дневен весник и Османи бил повикан да помогне, зашто како што рече, не им одело како што треба, а тој како добар познавач на компјутерски мрежи отишол да помогне. Весникот се затворил, а Османи и Палевски останале во комуникација и станале пријатели.
– За што конкретно го побаравте Палевски во периодот 2011-2012 година? – праша обвинителката.
– Од него зедов котел за греење дома и константно го контактирав за тој котел. Тој доаѓаше пред грејна сезона, го сетираше, го спремаше. Последната година котелот не функционираше, имаше застој во редукторот, па не можев добро да го користам котелот и лани од средината на ноември зачестено го контактирав Палевски – рече Османи.
– На 27.11.2023 година го побаравте ли Палевски?
– Го барав на Фејсбук, имам и скриншотови, не го добив. На 27.11.2023 година, вечерта ми рече дека ќе дојде утре сабајле. Утредента, на 28.11.2023 година околу 11 часот ми се јави дека ќе дојде, и навистина дојде и го среди котелот – рече Османи.
– Што ви рече, зошто не дошол на 27.11.2023? – праша обвнителката.
– Дека бил настинат и дека не може да дојде – рече Османи.
– Кога дојде на 28.11 дали беше добар со здравјето? – праша обвинителката.
– Да – рече Османи.
Сведокот рече дека на 28 ноември 2023 година кога се виделе со Палевски разговарале за тоа што се скршило на котелот. Османи рече дека Палевски не кажал ништо за претходниот ден и дека не забележал ништо чудно кај него.
Палевски дошол кај Османи со бел пикап
– Удрена беше возачката врата, имаше вдлабнатина. Му реков, си го удрил? – рече Османи.
Двајцата пријатели комуницирале преку телефон и преку апликацијата Месинџер. Палевски често не кревал телефон, па Османи му оставал порака на Месинџер.
Палевски не му кажал ништо на Османи за тоа дека планира да оди на лекување. Тој знаел дека Палевски имал проблеми со кичмата во последните две години и дека некое време лежел во приватна болница.
Османи рече дека не забележал дека Палевски носел оружје ниту дека некогаш комуницирале со радио-врски.
Сведокот Османи беше предложен и од првообвинетиот Палевски и тој го испрашуваше.
– Кога дојдов кај вас да направам сервис, во колку часот? – праша Палевски.
– Околу 11 и нешто Вие потврдувате дека многу скоро ќе дојдете. Точно во 11.42 часот Палчо потврдува дека ќе дојде, на 28.11.2023 и после 40 минути се појави кај мене – рече Османи.
– Уште еднаш ќе прашам, добро размисли, Ерол… – рече Палевски.
Судијата му приговори на Палевски да не му наметнува на сведокот.
– Дали на 22.11.2023 бев кај вас да поправам котел? – праша Палевски.
– Не – рече Османи.
– Дали ви е познато дека на 28.11.2023 сум на поткаст на Јутјуб во живо во тој период? Како може да сум на две места? – праша Палевски.
– Ми рековте, на лајф поткаст сум, завршувам брзо, ја земам ќерката, лаптопот е со мене и доаѓам кај тебе. Ова беше во 11.42 часот. Дојде 40 минути после тоа – рече сведокот Османи и ги покажа испринтани сите пораки со Палевски на кои се гледата прецизно време и дати.
Палевски рече дека поткастот завршил околу 12 часот и дека ќерката ја земал во 15.30 часот.
Османи рече дека сервисот траел 40-60 минути, дека Палевски нашол што е проблемот, го отворил редукторот и го средил котелот.
– Дали постои можност да го помешате денот 22 ноември со 28 ноември? – праша Палевски.
– Не, сигурно – рече Османи.
– Дали се однесував вознемирено и чудно? – праша Палевски.
– Воопшто не – рече Османи.
Палевски го праша сведокот дали се сеќава дека спомнал дека полнел гориво на бензинската пумпа кај Ист гејт пред да дојде, на што сведокот рече дека не се сеќава.
Марјан Витанов, адвокатот на Палевски, го праша Османи дали освен преку телефон и преку Месинџер комуницирале и преку други мрежи.
– На телеграм во последниот период не, а на вибер можеби да. За конкретниот период, од средината на ноември, до 28 ноември, последната комуникација беше по Месинџер и преку телефон. Преку други апликации не – рече Османи.
– Во овој период од 22 до 27.11 дали го имате барано Палевски на телефонскиот број? – праша адвокатот Витанов.
– Да, претходно го барав на еден број, повеќе пати, но не ми се јавуваше. На 22.11.2023 ми пушти друг број на Месинџер на кој може да го барам. Од тој датум до 28.11.2023 повеќепати го барав, а малку пати успешно воспоставивме разговор. Два-три пати се слушнавме. Го барав за да се пушти греењето, веќе беше ладно – рече Османи.
– На 22.11.2023 во колку часот добивте порака на Месинџер од Палевски? – праша Витанов.
– На 22 ноември јас пуштив порака со фотографија од моторот од котелот, каде што му реков „Ова го врзав претходно, не знам, можеби некоја склопка ми затаила. Каде се врзува инаку?“ Не ми одговори. Моите пораки продолжуваат до 27 ноември на Месинџер. На 27 ноември навечер во 23.30 добив одговор: „Ќе дојдам бе сабајле, одма сум подобар. Одлежав три-четири саати, како да ме згазил камион, ама океј, не е страшно. Ќе пројдам сабајле, да станам.“ Претходно се чувме, ми рече дека е настинат – сведочеше Османи.
Адвокатот Витанов го праша Османи дали на 22 ноември 2023 година имале комуникација од Палевски, на што сведокот рече дека Палевски не му одговорил тој ден. Пред 22 ноември, Палевски му пратил на Османи телефонски број на кој може да го бара. Османи додаде дека нема скриншотови од оваа комуникација, како и дека нема скриншот со датум од првата комуникација. Адвокатот на Палевски најави приговор на сведочењето на Ерол Османи.
На првото рочиште кога Палевски се изјасни за невин по обвинението за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, тој рече дека на 22 ноември 2023 година, денот кога е убиен Жежовски, поправал котел кај Османи.
– Ерол Османи е еден сведок, кого го кријат во списите. На 22 ноември (кога е убиен Панче Жежовски, н.з.) му поправав котел. Јавното обвинителство го крие моето утврдено движење според базните станици на денот на убиството на Вања, не ми го даде. ЈО го става судот пред свршен чин, се злоупотребуваат доказите кои се во моја корист, во спротивна насока, против мене – рече Палевски во неговото прво обраќање пред судот.
Вања беше киднапирана и убиена на 27 ноември 2023 година.