Шпанскиот тенисер Рафаел Надал по поразот на шпанската репрезентација синоќа од Холандија (1:2) во четвртфиналето на Дејвис купот, проговори како навивачите треба да го паметат.
– Титулите се важни, но најмногу сакам да бидам запаметен како добар човек од мал град на Мајорка и момче кое постигна повеќе отколку што можеше да замисли – изјави Надал на тернот во Малага.
Ова беше последен турнир во кариерата на 38-годишниот Шпанец. Има 1.080 победи во сингл и 92 титули, вклучувајќи 22 Грен слем титули. Надал е сопственик и на две златни олимписки медали.
Во публиката беа и најблиските на Надал: сопругата Мери, синот Рафаел, родителите Марија и Себастијан и сестрата Марибел.
Надал се повлече како вториот најуспешен играч во машкиот тенис, зад Новак Ѓоковиќ. Во кариерата долга 23 години освои 92 АТП-титули, од кои 22 на гренд слем и 36 на мастерс турнирите и помина 209 недели како светски рекет број еден. Освои олимписко злато во 2008 и 2016 и четирипати славеше во Дејвис купот со Шпанија.
Она во што веројатно ќе остане недостижен е доминацијата на Ролан Гарос, каде што освои рекордни 14 титули и забележа само четири порази на 116 мечеви, што му го донесе епитетот Кралот на земјата.
Во полуфиналето на Дејвис купот, Холандија ќе игра со победникот од пресметката Германија – Канада.