САД привремено ја затворија својата амбасада во Киев откако добија „конкретни информации за потенцијално голем воздушен напад денеска“.
„Како општа претпазливост, амбасадата ќе биде затворена, а на персоналот на амбасадата им е наложено да побараат засолниште“, објави Одделот за конзуларни прашања на Стејт департментот на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер).
Во него се наведува и дека „американската амбасада препорачува американските граѓани веднаш да одат во засолниште доколку се огласи предупредување за воздушна закана“.
Предупредувањето доаѓа еден ден откако Украина ги искористи американските ракети АТАКМС за напад на руска територија, искористувајќи ја новата дозвола од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.
Со месеци Русија го предупредуваше Западот дека доколку Вашингтон дозволи Украина да истрела американски, британски и француски ракети длабоко во Русија, Москва ќе ги смета тие земји директно вклучени во војната во Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот го намали прагот за нуклеарен напад како одговор на поширок опсег на конвенционални напади, при што нуклеарните ризици се зголемуваат во услови на највисоки тензии меѓу Русија и Западот во повеќе од половина век.