Натпреварот помеѓу Холандија и Унгарија во Лигата на Нации на кратко беше прекинат откако крај аут линијата колабираше легендарниот напаѓач Адам Салаи, кој од неодамна стана дел од стручниот штаб на селекторот Марко Роси.
Пресметката помеѓу Холандија и Унгарија во Амстердам донесе драматични 13 минути, играта беше прекината откако крај аут линијата колабираше Адам Салаи.
Гостинскиот стручен штаб формираше жива ограда околку легендарниот напаѓач додека лекарските тимови на двете репрезентации му даваа помош, одредени извори пишуваат дека Адам Салаи дури бил и реанимиран.
Натпреварот продолжи по пауза од околу 15 минути.
Набргу откако беше префрлен во болница, Салаи се огласи на својот профил на Фејсбук. Тој се заблагодари на сите за грижата и објави дека се чувствува добро.
„Ви благодарам на бројните пораки, добро сум“, напиша Салаи.
Адам Салаи ја започна својата играчка кариера во 2006 година и ја заврши во 2023 година. Настапуваше за клубови како Штутгарт, Реал Мадрид Кастилја, Мајнц, Шалке, Хофенхајм, Хановер и Базел, кој беше неговиот последен клуб.
Најголем број натпревари одигра за Мајнц, вкупно 146, при што постигна 28 гола и имаше 15 асистенции. Исто така, долги години настапуваше за Хофенхајм.