Рускиот државјанин Александар Безруковни е уапсен во Босна и Херцеговина под сомнение дека е еден од инструкторите кои незаконски обучувале проруски активисти од Молдавија во таа земја, објавија во саботата медиумите во Босна и Херцеговина.
Според информациите од МУП на Унско-санскиот округ, Безруковни бил уапсен во областа Босанска Крупа во операција координирана со Агенцијата за разузнавање и безбедност (ОСА), која го следела неговото движење.
Како што пишува порталот „Дневни аваза“, неговото име било на потерницата на Интерпол и бил приведен откако било утврдено дека се подготвува да избега од Босна и Херцеговина.
Полицијата ги доставила сите информации за уапсениот Русин до Обвинителството на БиХ кое ја презела истрагата.
Аферата со обуката на Молдавците кои требаше да предизвикаат инциденти во нивната земја за да го попречат спроведувањето на референдумот за уставни измени и да влијаат врз исходот од неодамнешните претседателски избори избувна по рациите на молдавската полиција минатиот месец, при што беа уапсени неколку луѓе.
Молдавската полиција во средината на октомври објави дека собрала докази дека проруските активисти поминуваат специјална обука на територијата на Србија и БиХ, спроведена од инструктори од Русија.
После тоа, следеа спротивставени реакции и во самата БиХ, при што министерот за безбедност Ненад Нешиќ експлицитно тврдеше дека во таа земја нема активности за кои биле предупредени од Молдавија, додека министерот за надворешни работи Елмедин Конаковиќ рече дека има различни информации и дека има обука под под надзор на Русите, најавувајќи дека се ќе биде темелно истражено.
После тоа, медиумите, повикувајќи се на извори од безбедносните структури, наведуваат дека се идентификувани најмалку седум Руси кои во средината на годината обучувале Молдавци во областа Бања Лука.