Русија собра околу 50.000 војници на границата со Украина, особено во рускиот регион Курск без да прераспредели од трупите кои се на терен во источна Украина, напиша во неделата „Њујорк Тајмс“. Со ваквата поставеност, Москва ќе може да изврши притисок на повеќе фронтови, анализира весникот.
Меѓу 50.000 собрани војници се и околу 10.000 борци на Северна Кореја кои неодамнаа пристигнаа во Русија. Русите со месеци се под притисок да ја вратат изгубената територија.
Украинските извори го очекуваат овој напад во следните денови, a судејќи по денешната објава на главниот командант на Украина, Олександр Сирски, операции од нападот веќе се во тек.
„Русија се обидува да ги истисне украинските сили од нејзиниот западен регион Курск со десетици илјади војници, во обид да ја врати територијата изгубена во летото додека нејзината офанзива во источна Украина продолжува“, напиша Сирски на Телеграм.
Според американските разузнавачи севернокорејските трупи ќе дејствуваат во специјалните единици на Русија, а се опремени со руско оружје и униформи.
Американските аналитичари прогнозираат за возврат Москва ќе ѝ понуди на Северна Кореја напредни ракетни технологии и дипломатска поддршка на меѓународната сцена.
Не е познато дали Северна Кореја ќе испрати дополнителни војници во Русија, но украинските разузнавачки служби проценуваат дека бројката може да порасне на 100.000. Американскиот аналитичар Џорџ Барос го нарекува ова распоредување на севернокорејски трупи „алтернативно воено снабдување“ за Москва.
На Русија ѝ се потребни околу 25.000 нови регрути месечно.
Во меѓувреме, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека планира брзо да ја заврши војната кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари идната година.
Трамп не откри конкретен план, но неговиот потпретседател Џеј Ди Венс претстави пристап кој ќе вклучува отстапување на одредени територии на Русија, што ќе ѝ овозможи на Москва да ја задржи контролата врз некои од областите што моментално ги држи во Украина.
„Волстрит џурнал“ објави дека советниците на Трамп му предложиле да ја услови воената поддршка на Украина со договор според кој Украина нема да влезе во НАТО во следните 20 години и ќе се согласи да седне на преговарачкото столче.
Познатиот Институт за проучување на војната (ИСВ) во најновиот извештај од 10 ноември вели дека Русите напредуваат кај Покровск. Украинските власти постојано известуваат за егзекуција на украински затвореници.
На 9 и 10 ноември украинската армија извршила голем напад со дронови во Брјанск погодувајќи складишта за муниција.