Народниот правобранител Насер Зибери, алармира на лошите услови во кои живеат затворениците во затворот „Идризово“.
– Поради пренатрупаност во затворот Идризово, додека еден спие другиот треба да седи буден и да чека ред бидејќи креветот го делат двајца затвореници – изјави Зибери во Дејли Клик на ТВ21.
Како што вели, состојбата е алармантна, а условите се бедни и нечовечни.
– Има ќелии за затвореници од само 1 метар кубен простор, има ќелии каде еден кревет го делат двајца затвореници, имаме дел од затворениците кои спијат по ходниците, имаме ќелии каде 50 затвореници користат еден тоалет – изјави Зибери.
За хигиена, вели Зибери, не може да стане ни збор „кога еден затвореник спие, а другиот седи буден и откако ќе се разбуди другиот, може да спие тој бидејќи делат ист кревет, или кревет што е ставен во ходникот на бетон, или нема топла вода и греење итн“.
Тој го смета и за загрижувачки фактот што околу 80% од 17 затвори колку што ги има во земјава, нема лекар психијатар, општ лекар и нема процес на ресоцијализација.
Зибери вели дека земјава треба да преземе итно мерки за подобрување на условите во правец на проширување на капацитетите, за здравствена грижа но и за проширување на човечките капацитети и за администрацијата.