Победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД е и победа на Република Српска, смета претседателот на РС Милорад Додик. Тој го облече црвеното капче МАГА кое го носат поддржувачите на Трамп. Според Додик, РС сега ќе има малку повеќе шанса да дојде до центрите за моќ за да ги оствари своите интереси.
– Оваа победа ја бројам како и сите наши победи досега. Претходната администрација беше неправедна кон нас, беше нефункционална, а сега очекуваме дека оние предводени од Трамп дефинитивно ќе бидат пообјективни – им рече Додик на новинарите пред палатата на Републиката во Бања Лука.
Тој додаде дека гестот на Трамп придонесе американското знаме повторно да биде истакнато во Палатата.
Додик во последните две години упати сериозни обвинувања кон администрацијата на доскорешниот американски претседател Џо Бајден, а особено кон американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Мајкл Марфи.
Претседателот на РС верува дека ќе најде начин да допре до важни луѓе во администрацијата на Трамп.