Голем број светски лидери му честитаа на Доналд Трамп за изборната победа на претседателските избори во САД
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му честиташе на Трамп за Х.
„Честитки до Доналд Трамп за неговата убедлива победа и вториот мандат како претседател на САД. Се радувам на нашата соработка и натамошно унапредување на односите меѓу Америка и Хрватска“, напиша хрватскиот премиер.
„Честитки претседателе Трамп! Честитки Америка! Никогаш не застанувајте, секогаш борете се и победувајте на изборите!“, изјави контроверзниот холандски политичар Герт Вилдерс.
„Честитки до претседателот Доналд Трамп. Подготвени сме да соработуваме како што тоа го правиме веќе четири години. Со твоите и моите верувања. Со почит и амбиција. За повеќе мир и просперитет“, рече Емануел Макрон.
„Најголемото враќање во политичката историја на САД! Честитки до претседателот Доналд Трамп за неговата огромна победа. Многу потребна победа за светот“, напиша Виктор Орбан на X.
„Му честитам на Доналд Трамп за неговата победа. Заедно се соочуваме со сериозните предизвици кои претстојат. Србија е посветена на соработката со САД за стабилност, просперитет и мир“, напиша српскиот претседател Александар Вучиќ на Х.
Зборуваше и Зеленски
„Честитки за импресивната изборна победа на Доналд Трамп!
Се сеќавам на нашата одлична средба во септември, кога детално разговаравме за Украина и САД.
Ја ценам посветеноста на претседателот Трамп за пристапот „мир преку сила“ за глобалните работи. Токму тоа е принципот што практично може да го приближи праведниот мир во Украина.
Се надевам дека заедно ќе го спроведеме на дело.
Со нетрпение ја очекуваме ерата на силни Соединети Американски Држави под решително водство на претседателот Трамп. Сметаме на континуирана силна двопартиска поддршка за Украина во САД.
Ние сме заинтересирани за развој на заемно корисна политичка и економска соработка од која ќе имаат корист и двата наши народи. Украина, како една од најсилните европски воени сили, е посветена на обезбедување долгорочен мир и безбедност во Европа и трансатлантската заедница со поддршка на нашите сојузници.
Со нетрпение очекувам лично да му честитам на претседателот Трамп и да разговараме за начините за зајакнување на стратешкото партнерство на Украина со Соединетите држави“, напиша Зеленски на платформата Х.
Зборуваше и австрискиот канцелар Карл Нехамер, член на конзервативната Народна партија. „Со нетрпение очекуваме понатамошно проширување и зајакнување на нашите трансатлантски односи со цел заеднички да ги решиме глобалните предизвици“, му рече тој на Трамп.
И Урсула фон дер Лајен упати честитки до Трамп за неговата победа.
Зборуваше и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. „Почитувани Доналд и Меланија Трамп, честитки за најголемото враќање во историјата! Вашето историско враќање во Белата куќа нуди нов почеток за Америка и обновена посветеност на големиот сојуз меѓу Израел и Америка. Ова е голема победа!“, рече тој
И Марк Руте, генералниот секретар на НАТО и Шарл Мишел му честитаа на Трамп за неговата победа.
„Срдечно му честитам на победата и се надевам дека неговиот нов мандат ќе донесе освежена визија за односите на САД со светот и Босна и Херцеговина. Ова е можност Америка да покаже дека ја почитува различноста и да ја насочи својата сила кон соработка и стабилност, почитувајќи ги правата и потребите на секој народ.
За Република Српска и за мене лично, победата на Трамп симболизира враќање на вредностите што ги цениме – семејството, слободата на избор и правото да се зачуваат сопствените традиции. Во променливиот свет каде од поединците и земјите често се бара да ги заборават своите корени, во раководството на Трамп гледам можност за поинаков, поискрен пристап, кој нема да наметнува идеи што самите Американци не ги поддржуваат во своите домови.
Очекувам новата американска администрација да биде партнер кој ја разбира важноста на стабилноста и ги поддржува локалните лидери сами да одлучуваат за својата иднина. Ова е токму патот кон одржлив мир и напредок – секоја заедница да има слобода и право да се развива во согласност со нејзините вредности и традиции. Со нетрпение го очекувам денот кога односите меѓу Република Српска и САД ќе се засноваат на искрена почит и заеднички цели“, напиша Милорад Додик.