Украинскиот претседател Володимир Зеленски му ја честиташе победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори.
„Честитки за импресивната изборна победа на Доналд Трамп! Се сеќавам на нашата одлична средба во септември, кога детално разговаравме за Украина и за САД. Ја ценам посветеноста на претседателот Трамп за пристапот „мир преку сила“ за глобалните работи. Токму тоа е принципот што практично може да го приближи праведниот мир во Украина. Се надевам дека заедно ќе го спроведеме на дело“, објави Зеленски на Икс.
Со нетрпение ја очекуваме ерата на силни Соединети Американски Држави под решително водство на претседателот Трамп, додава украинскиот претседател.
„Сметаме на континуирана силна двопартиска поддршка за Украина во САД. Ние сме заинтересирани за развој на заемно корисна политичка и економска соработка, од која ќе имаат корист и двата наши народи. Украина, како една од најсилните европски воени сили, е посветена на обезбедување долгорочен мир и безбедност во Европа и на трансатлантската заедница, со поддршка на нашите сојузници“, напиша Зеленски.
Тој долгата порака до новоизбраниот американски претседател ја заврши со порака дека со нетрпение очекувам лично да му честитам на Трамп и да разговараат за начините за „зајакнување на стратешкото партнерство на Украина со Соединетите Држави“, напиша Зеленски на платформата Икс.