Шестгодишно дете е меѓу 13-те загинати од урнатата настрешница на железничката станица во Нови Сад, соопшти попладнево српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, кој го посети местото на големата несреќа.
Српските медиуми попладнево известија дека една жена влегла да купи билети, при што нејзиното дете останало да седи на клупите кога паднала големата бетонска стреа.
Дачиќ откри дека двете извлечени преживеани се во тешка состојба, а на еден маж бетонската конструкција му ги отсекла нозете.
– Тоа е стара градба, тоа значи големи количества бетон и конструкција, тоа е голем удар. Падот врз луѓето долу се случи ненадејно. Едно лице, машко, било донесено во болница поради ампутирани нозе. А тие две жени кои беа спасени пред малку се единствените преживеани – рече Дачиќ, пренесуваат српските медиуми.
Тој додаде дека тој не е надлежен да ги утврдува причините за несреќата.
– Има државни органи кои се занимаваат со тоа и ќе гледаат сечија одговорност. Настрешницата не не беше предмет на реконструкцијата, за да може некој да каже дека овие нови делови доведоа до ова. Ова е крошна од 1964 година, така да се каже. Имаме 77 спасувачи, дојдоа од Белград, од сите делови на Војводина, но има и претставници од Брзата помош, болницата, ургентниот центар… – додаде министерот.
Тој рече и дека итните медицински служби „немаат многу работа, бидејќи има повеќе мртви отколку повредени“.
– Премиерот ми кажа дека утре во Србија ќе биде ден на жалост. Тоа е голема тага. Ги видов луѓето што беа таму. Гагиќ беше тука, тој ги виде жртвите, плачеше кога ги виде тие луѓе, бидејќи рече дека има и дете. Изгледа дека дете на 6 години е меѓу жртвите. Уште се врши идентификација на загинатите – рече министерот Дачиќ.
Министерот Дачиќ рече дека бројот на жртвите не е конечен.
Директорката на Клиничкиот центар Војводина изјави дека се донесени три повредени лица, дека сите имаат многу тешки повреди и дека се во тешка состојба. Две лица се во операциска сала.
Спасувачката акција во Нови Сад сè уште трае.