Млад човек, кој бил мотивиран од исламскиот радикализам и поради тоа повикал на убиство на полицајци, е уапсен во областа на Сараево, потврдија од полициската управа на МВР на Федерацијата БиХ.
Апсењето било извршено вчера под надзор на Обвинителството на БиХ кое ја презеде истрагата за случајот.
Како што појаснува полицијата, а локалните медиуми пренесуваат, станува збор за 28-годишниот Осман Малагиќ, кој на социјалните мрежи ТикТок и Фејсбук повикал на убиство на полицајци.
Апсењето се случи седум дена по случајот со малолетниот Е.С. во Босанска Крупа кој упадна во полициска станица и уби еден, а со нож тешко повреди друг полицаец.
Тој напад, според досегашните сознанија, бил мотивиран и од исламски радикализам, а истрагата во моментов е насочена кон училиштето „Куран“ во Босанска Крупа, каде што одел и малолетниот убиец.
Судот на Босна и Херцеговина им одреди мерка куќен притвор или забрана за напуштање на местото на живеење на петмина мажи уапсени во текот на досегашната истрага за овој напад, кој сега е класифициран како тероризам.