Во буџетот за 2025 година, кој денеска ќе биде доставен до Собранието, ќе има 17 милијарди денари повеќе за поддршка на Фондот за пензиско осигурување, што е околу 276 милиони евра плус, изјави денеска на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, одговарајќи на новинарски прашања по брифингот за новинари.
– Одобрени се 15 милијарди денари за ставката за пензии, плус 2 милијарди денари за Фондот за здравство за здравственото осигурување – рече Димитриеска Кочоска.
Во буџетот се предвидени околу 200 милиони евра повеќе за зголемување на платите во јавниот сектор и администрацијата.
– Во однос на платите, има 3,5 милијарди денари за плати, 2 милијарди има повеќе за дотации, тоа се во ставката образование, во делот на Фондот за здравство 5,2 милијарди денари имаме плус, тие треба да ги обезбедат платите дополнително на здравствените работници. Плус имаме 2 милијарди денари како резерва за кои ќе знаеме како ќе се трошат во зависност од тоа што е договорено на економско-социјалниот совет – рече таа.
Димитриеска Кочоска информира дека за 500 милиони денари има зголемување за социјални трансфери, но и дека ќе функционира единствен регистар на податоци за правилно искористување на средствата за социјална помош.
Буџетот за 2025 година изнесува 6,5 милијарди евра, со 5,8 милијарди евра на приходната страна и дефицит од 680 милиони евра се предвидува раст на економијата од 3,7%.
За капитални инвестиции ќе се издвојат над 840 милиони евра кои, како што рече министерката, ќе бидат за реални проекти, а не како досега да се реализираат преку високи трансфери кон јавните претпријатија и акционерските друштва.