Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, кој ѝ го предаде Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјава за 2024 година, соопштија однејзиниот кабинет.
Претседателката Сиљановска Давкова оцени дека извештајот претставува објективна слика, потсетник и патоказ за реформските приоритети и областите во кои е неопходен натамошен напредок. Таа изрази надеж дека извештајот дава избалансирана оценка на севкупните достигнувања на земјата.
На средбата, претседателката истакна дека македонските институции ќе посветат внимание на препораките и насоките од извештајот. Таа додаде дека во моментов со сите капацитети се фокусираат на доследно спроведување на реформите во клучните области, на економското закрепнување и на справувањето со корупцијата.
Таа го поздрави Планот за раст и потенцираше дека од суштинско значење е да се покаже неговата ефективност преку забрзување на реформите, искористување на целосниот потенцијал и преку максимизирање на придобивките за нашите граѓани и економија. Тоа треба да влијае на ублажување на разочарувањата доживеани во текот на долгиот процес.
На средбата со амбасадорот Рокас, претседателката изрази очекување дека новиот пристап на постепена, фазна интеграција ќе продолжи паралелно со процесот на пристапување, што ќе придонесе за поголема вклученост на земјата во процесите, политиките и програмите на ЕУ и ќе помогне за зголемување на севкупната подготвеност и поефикасно преземање на обврските од идното членство.
Таа ја посочи важноста на објективната евалуација на спроведувањето на реформската агенда и на забрзувањето на македонските евроинтеграции врз основа на принципот на заслуги и Копенхагенските критериуми.
Претседателката истакна дека полноправното членство во ЕУ е наша стратешка цел и не гледаме друга алтернатива и ја нагласи важноста од фер процес на пристапувањето во ЕУ, во кој ќе се почитува националната гордост и националниот идентитет на македонските граѓани.