Она што сега се случува на економско поле во Германија ние нема веднаш да го почувствуваме. Сепак, можно е во вториот квартал идната година да имаме негативни ефекти, но од тоа нема да има негативни ефекти само кај нас, туку во целиот свет, а посебно во Европа, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Нашата цел е да дадеме еден драјвер на економијата преку инвестиции, реализација на капитални инвестиции и вложувања од страна на компаниите во сопствени основни средства за работа. На тој начин очекуваме да се зголеми продуктивноста, а со зголемување на продуктивноста да се обидеме и да го зголемиме приходот и да ги подобриме перформансите на економијата. Затоа ние многу внимателно пристапуваме и затоа многу внимателно планираме да ги трошиме средствата коишто ги заработуваме и во централниот буџет, но и ги позајмуваме. И тоа треба да бидат трошења само во насока на вложување во инвестиции, не во јавна потрошувачка, туку во инвестиции – изјави Мицкоски пред почетокот на конференцијата на „Блумберг Адрија“ на тема „Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“.
Тој нагласи дека не може еден систем кој е граден со децении да се промени преку ноќ и посочи дека е потребно време за да се појави нова опција економијата на земјава целосно да не зависи од случувањата во Германија.
– Доколку очекуваме ние веднаш од една опција која што сме ја имале да имаме наеднаш 10, 20, 50 опции тоа е невозможно, бидејќи немаме толку голем број природни ресурси на располагање, немаме нафта, немаме гас, не сме држава на море. За да се случи тоа потребно е да ги реализираме стратешките цели на државата. Бидејќи сме земја која не излегува на море овој недостаток треба да го претвориме во предност, а тоа е да станеме раскрсница на транспортниот, железничкиот и енергетскиот коридор во овој дел од Европа. Тоа е она што како држава треба да ни даде геостратешка предност за да можеме да бидеме во радарот на големите инвеститори од големите земји – рече Мицкоски.
Тој потенцира дека тоа е можно бидејќи земјава е природна раскрсница на два многу значајни европски коридора, коридорите 8 и 10д.
Германија е најголем трговски партнер на земјава и најголемиот дел од случувањата во тамошната економија директно се одразуваат на голем дел секторите во земјава. Посебно одразот ќе се почувствува во текстилната и во автомобилската индустрија.