Играчот од средниот ред на Шпанија и Манчестер Сити, Родри ја доби „Златната топка“ за 2024 година. Се доделува на најдобриот фудбалер за периодот 01.08.2023 – 31.07.2024 година во кој е вклучено и Европското првенство. Најблиску до Родриго Ернандез беше триото на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, Џуд Белингам и Даниел Карвахал.
Во кампањата 2023/24, Родри стана европски шампион со Шпанија и ја освои титулата во Англија со Манчестер Сити.
Ова издание на наградите стана едно од најдискутираните откако првично се очекуваше Винисиус Жуниор да ја подигне наградата, но потоа работите се променија.
Винисиус заврши втор во гласањето. Бразилецот, како и сите други претставници на Реал Мадрид, не дојде на церемонијата на доделување на наградата, која се одржа во Париз.
„Ќе го направам тоа десет пати ако е потребно. Тие не се подготвени“, напиша Винисиус на социјалните мрежи.
Во сезоната 2023/24 Бразилецот со Реал Мадрид стана шампион во Шпанија и победник на Лигата на шампионите.
Анчелоти прогласен за Тренер на годината
Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти беше почестен со наградата Тренер на годината за време на церемонијата на доделувањето на „Златната топка“ за 2024 година.
Популарниот Дон Карло заедно со другите мадриѓани ја бојкотираат церемонијата, бидејќи дознале дека Винисиус Жуниор нема да биде добитник на „Златната топка“.
Анчелоти лани освои три титули – ЛШ, Ла Лига и Кралскиот куп.
Наградата за Тренер на годината во иднина ќе го носи името „Јохан Кројф“ по легендарниот Холанѓанец, еден од најдобрите европски фудбалери на сите времиња, подоцна многу успешен како тренер на Барселона.
Мартинез втора година по ред е најдобар голман во светот
Голамнот на Астон Вила и на аргентинската репрезентација, Емилијано Мартинез втора година по ред најдобар голман на светот!
Аргентинецот останува сопственик на трофејот „Јашин“, откако го доби трофејот на церемонијата на доделувањето на „Златната топка“.
Минатата сезона, голамнот триумфираше со Копа Америка, каде исто така стана број 1 меѓу играчите на неговата позиција.
– Благодарам на другите голмани со кои се натпреваруваме. Продолжуваме да се развиваме и секогаш се трудиме да се докажуваме. Посебна благодарност до Лаутаро што го постигна тој гол во финалето на Копа Америка – изјави Мартинез.
За прв пат во историјата на трофејот „Јашин“ истиот играч го доби во две последователни сезони.
Хари Кејн го понесе трофејот за најдобар стрелец
Капитенот на Англија, Хари Кејн, ја освои наградата „Герд Милер“ за најдобар стрелез во минатата сезона.
За време на церемонијата на „Златната топка“, фудбалерот на Баерн Минхен доби награда која, во принцип, треба да ја подели со Килијан Мбапе.
Двајцата завршија со по 52 гола, но францускиот напаѓач на Реал Мадрид не се појави во салата во Париз. Ова е првпат во историјата оваа награда да има двајца добитници.
– Ја земам наградата, но и двајцата ја заслуживме – прокоментира Кејн.
Покрај тоа, англискиот интернационалец е на десеттото место за „Златната топка“.
Јамал го освои „Копа“, трофејот за најдобар млад играч
Јамин Јамал од Барселона е прогласен за најдобар млад играч на церемонијата за доделувањето на „Златната топка“ во Париз.
Нему му беше доделен трофејот „Копа“, првиот трофеј на вечерта.
– Чест ми е да се биде овде. Најпрвин сакам да им се заблагодарам на моите родители кои ми помагаат цело време. На сите во Барселона, на Луис де ла Фуенте и на целиот шпански персонал. Да живее Барса – рече Јамал.
Реал Мадрид е клуб на годината
Тимот на Реал Мадрид беше прогласен за „Клуб на годината“. Ова се случи за време на церемонијата за доделување на „Златната топка“ за 2024 година.
„Кралевите“ сосема заслужено го добија признанието бидејќи ја освоија Лигата на шампионите, како и Ла лига.
Тимот од главниот град на Шпанија го откажа пристигнувањето на церемонијата. Според медиумите, причината за ова е сознанието дека Винисијус Жуниор нема да ја добие „Златната топка“.
Бонмати ја освои „Златната топка“ кај дамите
Фудбалерката на Барселона и шпанска репрезентативка, 26-годишната Аитана Бонмати, втора година по ред ја добива „Златната топка“ во женска конкуренција.
Наградата е сосема заслужена бидејќи беше најдобра фудбалерка на Барса во сезоната во која Каталонките на доминантен начин ја освоија Лигата на шампионите и сите три трофеи во Шпанија – првенство, Куп и Суперкуп.
Таа го освои и трофејот од Лигата на нациите со репрезентацијата на нејзината земја.
„Златната топка“ за 2024 година ја доделуваат заеднички УЕФА, „Франс Фудбал“ и „Екип“.
Победникот кај мажите беше решен по гласањето на новинарите од првите 100 земји на ранг-листата на ФИФА. Секоја земја има по еден претставник. Од листата од 30 номинирани, жирито ги рангира првите 10 по опаѓачки редослед. На десетте избрани играчи им се доделуваат 15, 12, 10, 8, 7, 5, 4, 3, 2 и 1 поен соодветно. „Златната топка“ се доделува на играчот со најмногу поени.