Вдовицата на Јахја Синвар, неодамна ликвидираниот лидер на милитантната група Хамас, трча со црна торба „Биркин“ во еден од тајните подземни бункери, сугерира снимка која ја објави израелската војска, пишува „Њујорк Пост“. Самар Абу Замар(44) носи торба која, според гласините на социјалните мрежи, чини 32.000 долари и е од парискиот луксузен бренд „Хермес“.
Израелски војник објави снимка од неговиот бункер кој се наоѓа во мрежата тунели под Газа.
– Овде сме во главното скривалиште на Јахја Синвар – вели војникот на почетокот на видеото. Според информациите, самиот лидер на Хамас, неговото семејство и сојузниците на Синвар се криеле во комплексот до крајот.
На снимката прво се прикажани две соби со туш и тоалет, а потоа се оди во кујната. Има резерви со храна низ целата соба.
Во последната просторија од комплексот, според проценките на војниците, бил и самиот Синвар. Во таа просторија има сеф, чија врата очигледно била насилно отворена. Внатре во сефот се гледа куп готовина – милиони шекели и американски долари.
На масата стојат стаклени шишиња кои личат на парфеми. Другата просторија што не е прикажана на видеото, според израелските војници, служела како просторија за одмор на безбедносните сили на Јахја Синвар. Таму најверојатно имало огнено оружје, експлозиви и муниција.
– Тие оставија сè кога слушнаа дека напредуваме, а потоа побегнаа. Тој живеел добро овде, со сите свои милиони, додека цивилите на површината живееја во сиромаштија и им се закануваше глад – вели израелски војник на видеото.
Синвар, наводно, го користел комплексот неколку пати и побегнал оттаму кога израелските војници случајно го забележале.
Откако израелските сили го убија Синвар се појавија снимки кои покажуваат дека неговото семејство живеело во луксуз во време кога војната во Газа покоси илјадници животи и предизвика тешка хуманитарна криза. Претходно, израелската војска објави снимка во која Синвар со стап мавна кон дронот пред да биде убиен во зградата во областа Тал ел Султан каде што беше откриен.
По масакрот на 7 октомври 2023 година, Синвар стана јавен непријател број еден на Израел. Околу 3.000 членови на Хамас упаднаа во населбите на југот на Израел. Убиваа, силуваа и киднапираа. Животот го загубија 1.200 луѓе.
Израел го сметаше Синвар за мозок на нападот и интензивно го ловеше нарекувајќи го „Осама бин Ладен од Газа“.