Демократската кандидатка за претседател на САД, Камала Харис и организациите блиски до неа собрале 633 милиони долари за нејзината кампања, јавува Асошиејтед прес.
Со ова, вкупната сума наменета за предизборната кампања надмина милијарда долари и и дава значителна предност пред републиканскиот противкандидат Доналд Трамп, на само две недели пред изборите.
Демократскиот национален комитет само во септември инкасираше 360 милиони долари, додека кампањата во истиот месец 222 милиони долари. Тимот на Камала Харис минатиот месец потроши околу 270 милиони долари, повеќе од очекуваното, за да допре до гласачите преку радио, телевизија, онлајн, билборди и други средства.
Кампањата на Харис објави големи месечни суми кои далеку ги надминуваат оние што ги собраа Трамп и републиканците.
Демократите се пофалија со бројките од овогодинешниот трет квартал, 95 отсто од донациите дадени на Харис биле под 200 долари. Околу шест милиони донатори дадоа повеќе од 13 милиони долари, вклучително и 4,3 милиони луѓе кои донираа за прв пат овој изборен циклус.
Тимот на потпретседателката објави дека таа собрала 55 милиони долари за време на еден викенд кон крајот на септември во Калифорнија.
Таа собра 28 милиони долари на настан исполнет со ѕвезди во Лос Анџелес, вклучувајќи ги Џесика Алба, Лили Томлин и Стиви Вондер.
Таа, исто така, собра 27 милиони долари за време на настан во Сан Франциско на кој присуствуваше и поранешната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси.