Северна Кореја тврди дека на нејзина територија пронашла остатоци од јужнокорејски беспилотни летала. Пјонгјанг им порача на јужните соседи дека секое натамошно кршење на нивниот суверенитет може да доведе до објавување војна.
Севернокорејските власти тврдат дека на нивна територија пронашле остатоци од јужнокорејски воен дрон. Пјонгјанг во драматично телевизиско обраќање објави дека секое натамошно кршење на неговиот суверенитет ќе доведе до објавување војна, пренесува хрватскиот портал Дневник.
Односите меѓу двете земји се влошија во мај кога Северна Кореја почна да испраќа балони полни со ѓубре до јужниот сосед. Сеул одговори со емитување пропагандни пораки од звучниците поставени долж границата.
Северна Кореја потоа ја обвини Јужна Кореја дека трипати забележала беспилотни летала над нејзиниот главен град во октомври. Доколку тоа се повтори, Пјонгјанг се закани дека ќе употреби сила.
Министерството за одбрана на Јужна Кореја изјави за американскиот медиум Newsweek дека наводите на Пјонгјанг не се вредни за проверка и не заслужуваат одговор. Тие сè уште не разјаснија дали цивилите или војската се одговорни за беспилотните летала над Северна Кореја.
Сеул најави и дека каков било одговор ќе доведе само до конфликт со Северна Кореја, пишува Дневник.