Шпанскиот тенисер Рафаел Надал го одигра својот последен поединечен меч во кариерата на егзибицискиот турнир во Ријад против Новак Ѓоковиќ.
По мечот во кој Надал загуби од Ѓоковиќ, домаќинот Турки Ал Шеик му подари на Надал луксузен подарок – златен рекет во природна големина, чија вредност се проценува на повеќе од еден милион долари.
– Задоволство е што си тука со нас, за тебе имаме мал подарок од сезоната на Ријад. Ти посакувам добра иднина во животот – рече Шеик.
Со овој чин организаторот на турнирот во Саудиска Арабија се одлучи на голем начин да го испрати Надал во пензија.
Надал не штедеше зборови за да го пофали Ѓоковиќ и по мечот му се заблагодари на Ноле на српски јазик.
– Ти благодарам Новак за сѐ, за тоа што го кажа денес за мене и за сите моменти кои ги делевме на терен. Секогаш ме тераше да одам преку својот лимит, еве веќе 15 години. Ти благодарам за сѐ, без тебе веројатно не би бил играч каков што бев. Ти честитам на сите титули и ти посакувам сѐ најдобро во иднина – рече Надал, кој додаде дека во фокусот му е последниот негов настап за Шпанија, на Дејвис купот во Малага.
Надал најави дека ќе се збогува на тоа натпреварување, но дека во прв план треба да биде настапот на Шпанија на турнирот, а не неговото повлекување од тенисот.
– Минатата година реков дека ова веројатно ќе биде мојата последна година и на крајот така излезе. Дејвис купот ќе биде многу возбудлив, без сомнение, тоа ќе биде мојот последен турнир на кој ќе ја претставувам мојата земја. Да појаснам, ќе бидам во тимот бидејќи така мисли капитенот Давид Ферер. Ќе се обидам да се подготвам на најдобар можен начин. Не е важно моето повлекување, туку успех на Шпанија на турнирот – изјави Надал.
Надал освои 22 грен слем титули, а ќе ја заврши кариерата по настапот за шпанската репрезентација на финалето на Дејвис купот што се игра од 19 до 24 ноември во Малага.