Компанијата Мета отпушти 20 вработени во Лос Анџелес затоа што го искористиле нивниот бонус за оброци од 25 долари за да купат предмети за домаќинството, вклучувајќи лосиони за акни, чаши за вино и детергент за перење.
Отпуштањата се случија минатата недела, само неколку дена откако компанијата започна со реструктуирање на тимовите во WhatsApp, Instagram и Reality Lab , одделот за зголемена и виртуелна реалност.
Реструктуирањето предвидува и кратење на работни места и преместување, со цел, како што претходно најави сопственикот Цукерберг, да се зголеми ефикасноста во компанијата.
Како и многу технолошки компании, Мета им нуди бесплатна храна на вработените како поволност во своето големо седиште во Силиконската долина. Вработените во помалите канцеларии без менза имаат можност да го искористат бонусот за достава на храна. Дозволени им се надоместоци од 20 долари за појадок, 25 долари за ручек и 25 долари за вечера.
– Се верува дека оние кои се отпуштени го злоупотребиле својот додаток за храна во текот на долг временски период – изјави извор за Фајненшл тајмс.
Некои ги здружија своите пари, а други ги испраќаа оброците што ги добија дома, иако парите биле наменети за канцеларијата.
Оние кои само еднаш го прекршиле правилото на компанијата добиле прекор.
Во објава на анонимната платформа, еден поранешен вработен во Мета напиша дека го искористиле бонусот од 25 долари за производи како паста за заби и чај од аптека, додавајќи дека има денови кога не јаделе во канцеларија поради семеен ручек или вечера со пријателите и дека не сакале да го трошат бонусот.
Цукерберг објави дека имало околу 21.000 отпуштања во два круга отпуштања во текот на 2022 и 2023 година, нарекувајќи ја година на ефикасност.