Дваесетте најсиромашни земји во светот, во кои живеат 40% од најсиромашните луѓе, се најзадолжени од 2006 година и се поранливи на природните катастрофи и економските шокови, покажува новиот извештај на Светската банка.
Извештајот укажува дека овие земји денес, во просек, се посиромашни отколку пред пандемијата ковид-19, иако остатокот од светот во голема мера се опорави.
Повеќето од земјите опфатени во студијата се наоѓаат во субсахарска Африка, од Етиопија до Чад и Конго, но на листата се вклучени и Авганистан и Јемен.
„Две третини од 26-те најсиромашни земји се во вооружен конфликт или имаат потешкотии да го одржуваат редот поради институционалната и социјалната кревкост што ги попречува странските инвестиции и речиси го блокира извозот“, се наведува во извештајот.
Нивниот просечен сооднос меѓу долгот и БДП од 72% е на највисоко ниво во последните 18 години, а половина од овие земји се или во должнички проблеми или се изложени на висок ризик да станат такви.
„Природните катастрофи предизвикаа хаос во овие земји во последната деценија. Од 2011 до 2023 година, природните катастрофи предизвикуваа просечни годишни загуби од 2% од БДП – пет пати повеќе од просекот за земјите со пониски средни приходи, што укажува на потребата од значително поголеми инвестиции“, се наведува во извештајот.
Најслабите економии, со годишен приход по глава на жител под 1.145 долари, сè повеќе се потпираат на грантови и заеми од фондот за развој на Светска банка со речиси нула каматни стапки, откако финансирањето базирано на пазарот речиси престанало, информира Светската банка.
Извештајот ја нагласува сериозната пречка за напорите за искоренување на екстремната сиромаштија и ги истакнува напорите на Светската банка да собере 100 милијарди долари оваа година за да го надополни својот фонд за финансирање на најсиромашните земји – Меѓународната асоцијација за развој (ИДА).
Асоцијацијата за меѓународен развој се надополнува на секои три години со придонеси од земјите членки на Светската банка.
Во 2021 година беа собрани рекордни 93 милијарди долари, а претседателот на Светската банка, Ајај Банга, има за цел оваа сума да ја надмине 100 милијарди долари.