Најмалку 11 луѓе загинаа, а над три милиони останаа без електрична енергија при ударот на ураганот Милтон врз делови од американската сојузна држава Флорида.
Секретарот за национална безбедност на САД, Алехандро Мајоркас на брифинг во Белата куќа соопшти дека владата има извештаи за најмалку 10 смртни случаи.
Кратко потоа стигна информација за загинат возач во округот Цитрус, каде дрво паднало врз автомобил.
Пет од загинатите се во округот Сент Луис, на источниот брег на Флорида, од кои четворица се жртви на торнада. Два смртни случаи се пријавени во округот Пинелас, три во округот Волузија
До 19 часот во Флорида се потврдени 19 торнада, а вчера беа регистрирани околу 45, информира Националната метеоролошка служба.
Гувернерот Рон Десантис изјави дека државата го избегнала „најлошото сценарио“, но причинета е голема материјална штета.
Претседателот Џо Бајден на прес-конференција во Вашингтон рече дека ќе бидат потребни неколку милијарди долари за обнова на областа и ќе биде потребно долго време.
Тој ги коментираше изјавите на претседателскиот кандидат Доналд Трамп, кој рече дека погодените од ураганот ќе добијат само 750 долари помош.
„Тоа е бизарно“, рече Бајден.
Запрашан дали разговарал за дезинформациите со Трамп, тој рече:
„Дали се шегуваш? Господине Трамп, најдете си живот. Помогнете им на овие луѓе“.
Бајден синоќа во изјава рече дека тврдењата на Трамп се „антиамерикански“ и дека треба да престане со ширење дезинформации за спасувачките напори на владата.
„Во изминатите недели има неодговорно и неуморно промовирање на дезинформации и отворени лаги за тоа што се случува. Ова ја поткопува довербата кај луѓето во Флорида и неверојатната работа за спасување и обнова. Ова е штетно за оние кои најмногу имаат потреба од помош. Искрено, овие лаги се антиамерикански“, рече Бајден.
Претседателот Бајден рече дека 750 долари се мал дел од вкупната помош, средства доделни за најитни моментални потреби, додека секое погодено домаќинство ќе добива многи повеќе оштета, зависно од документираните штети.