Комората на сметководители се оградува од Предлог-законот за вршење сметководствени работи и бара негово повлекување од денешната пленарна собраниска седница.
Според Комората, Предлог-законот е со европско знаменце под изговор дека се усогласува со ЕУ-директивите, но наместо тоа и олеснување на работата на сметководителите, предвидува дополнителни трошоци, обврски и контроли.
Комората ги повикува претставниците од меѓународната заедница во земјава и Канцеларијата на ЕУ да реагираат и да ја преиспитаат „ваквата злоупотреба“.
Сметководителите предочуваат и дека „со донесувањето на овој закон, борбата на законодавецот е по секоја цена да дојде до парите на Институтот кој во моментов располага со над 30 милиони денари од членарината на сметководителите, воведувајќи паралелни репресивни тела“. Овие средства, подвлекуваат од Комората, се за унапредување и усовршување на дејноста, а не за плаќање на преводот на меѓународните сметководствени стандарди, како што стои во законското решение. Таква пракса, нагласуваат, нема никаде во светот.
– Причината за злоупотреба на европското знаменце и за носење на овој закон е воведување ново тело за контрола на Институтот на сметководители и овластени сметководители, наречено Совет за унапредување и развој на сметководството. Небулоза е неговата т.н. независност зашто тоа тело, според овој закон, одговара пред Владата, а во него членуваат претставници од Министерството за финансии. За каква независност зборуваме? Овој закон, освен целосна окупација и злоупотреба на сметководителите, нема никакво усогласување со европските директиви. Пратениците да ги тргнат настрана личните и партиските интереси и да гласаат против законот за вршење сметководствени работи – рече Александра Андреева во изјавата пред Собранието на Република Северна Македонија каде, како што потенцира, „се врши грубо кршење и злоупотреба на надлежностите“.
Андреева напомена и дека учеството на Комората во креирањето на овој закон е само алиби на ресорното Министерство.
– Речиси ниту еден од нашите предлози не беа прифатени. Напротив, се исполнуваат барања на поединци и групи за задоволување на нивните интереси, а јавната расправа беше замајување на јавноста за наводен инклузивен процес – посочи Андреева.
И овластениот сметководител Сашо Цветановски рече дека законот е штетен.
– Овој закон е врв на тортурата. Штетен е и нема ништо европско во него. Не затрупува со дополнителни трошоци, ограничувања, обврски и контроли. Значи грубо конфискување на наши средства за остварување нечии лични интереси. Бараме негово повлекување зашто не уредува никакви права. Во спротивно, ќе пристапиме кон бојкот на работата на Институтот и неспроведување на неправилниот закон – истакна Цветановски.
Комората предупреди и дека сметководствената професија е пред изумирање, а со носењето ваков „штетен закон“ дополнително ќе ја влоши состојбата.