Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер синоќа ја прекина црната серија во Лигата на шампионите играјќи нерешено 24:24 со Спортинг Лисабон.
Битолчани освоија бод по 17 порази во низа во елитното натпреварување.
Тренерот Бранислав Ангеловски овој резултат го смета за голем успех.
– Бод голем како куќа. Конечно симнавме тежина која ја носевме долго време. Одлични бевме 45 минути, потоа неколку технички грешки и судиски одлуки го свртија текот на натпреварот. Штета што не победивме, но Спортинг е исклучително силен тим. Верувам во нашиот тим и сигурен сум дека имаме реални шанси на следните средби да оставиме подобар впечаток – изјави Ангеловски.
Еурофарм Пелистер има еден бод по четири натпревари во А-групата од Лигата на шампионите, Спортинг собра седум.