Најмалку две лица загинаа во округот Сент Луси на брегот на Атлантикот на Флорида, изјави шерифот на округот, Кит Пирсон.
Пирсон процени дека повеќе од 100 домови во округот се уништени од ураганот „Милтон“, објави Ен-Би-Си Њуз.
Претседателот Џозеф Бајден го повика населението на Флорида да се евакуира.
Локалните власти и членовите на Националната гарда на Флорида им помагаат на погодените од ураганот.
На Флорида повеќе од 2,4 милионa луѓе останаа без струја поради ураганот.
Канцелариите на Националната метеоролошка служба на Флорида издадоа повеќе од 130 предупредувања за торнадо од синоќа. Експертите велат дека појавата на торнада пред и за време на ураганите не е невообичаена, но дека моќта на торнадата може да биде силна. Флорида има повеќе торнада на квадратен километар од која било друга држава.
– Речиси 100.000 луѓе беа сместени во центрите за евакуација низ Флорида синоќа – изјави извршниот директор на Одделот за управување со вонредни состојби на Флорида, Кевин Гатри.
Тој додаде дека вчера попладне имало околу 220.000 легла.
– Службите за итни случаи беа суспендирани во Тампа поради ураганот – изјави началникот на противпожарната служба Барбара Трип за Си-Ен-Ен.
Таа додаде дека најмалку 400.000 луѓе се без струја во Тампа.
Вселенскиот центар Кенеди, кој се наоѓа на источниот брег на Флорида, е затворен поради ураганот „Милтон“, потврди НАСА.
„Центарот Кенеди сега е затворен, освен персоналот за одговор при итни случаи. Прогласен е статус на HURCON 1“, се вели во соопштението, според Си-Ен-Ен.
НАСА и американската војска ја користат ознаката HURCON за нивото на подготвеност за итни случаи пред пристигнувањето на ураганот, а условите за HURCON 1 обично се прогласуваат 12 часа пред пристигнувањето на ураганот. Суштинските тимови вклучуваат персонал на НАСА кој мора да остане во кампусот на вселенската агенција за да ги поддржи критичните тековни мисии, вклучително и контролата на мисијата за Меѓународната вселенска станица.