Пет вработени во Министерството за финансии се здружиле и на правно лице од Струмица му овозможиле со лажна банкарска гаранција да организира игри на среќа и да остварува ќар.
Министерството за внатрешни работи денеска поднесе кривични пријави против нив, како и против управителот на правното лице за делата злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување исправа, употреба на исправа со невистинита содржина и несовесно работење во службата.
Од МВР соопштија дека против правното лице од Струмица и управителот Д.Ј.(37) од Кавадарци се поднесени пријави за кривичното дело употреба на исправа со невистинита содржина и фалсификување исправа. Против вработените во Финансии Н.М.П.(40), О.С.С.(49) и О.Н. (54), сите од Скопје, кривичните се за делото злоупотреба на службената положба и овластување, а против Л.Т.(63) и М.С.(45), и двете од Скопје, исто така, вработени во Министерство за финансии, пријавите се за несовесно работење во службата.
„Во периодот од 13.7.2022 до 6.08.2024 година, пријавениот управител Д.Ј., изготвил лажна исправа – банкарска гаранција, наводно издадена од една банка, која ја приложил како вистинска во Министерството за финансии, во врска со добиената лиценца за приредување на игри на среќа. Пријавената Н.М.П., во својство на советник за системот на осигурување, и покрај тоа што знаела дека не е доставен во законскиот рок, без да ја архивира со приемен печат и без да изврши контрола на соодветноста на банкарската гаранција, ја депонирала во предметот како вистинска. О.С.С., раководител на Одделение за игри на среќа и за забавните игри, без да ја провери соодветноста на гаранцијата, ја проследила без приемен печат до Л.Т. Потоа Л.Т во својство на раководител на Сектор за финансиски систем и М.С. во својство на државен советник за прашања од финансискиот систем, со пропуштање на должен надзор, го одобриле проследувањето на лажната банкарска гаранција до О.Н., државен советник за јавна внатрешна финансиска контрола. Таа била должна да изврши проверка на предметите кои се доставуваат за потпис од Министерот за финансии, заменик-министерот за финансии и Државниот секретар, а кои се во надлежност на Секторот за финансиски систем, во делот на издавање на лиценците за приредување на игрите на среќа во обложувалница, автомат клуб, казино и томбола од затворен тип“, соопшти МВР.
Со наведените дејствија, се додава во соопштението, пријавените лица предизвикале штета на државниот буџет во износ од 32.000 евра и му овозможиле на правниот субјект да ја користи добиената лиценца и да се стекне со противправна имотна корист од 13.489.952 денари (2 милиони евра).