Последните десет години, околу 40 проценти од високообразовниот и стручен кадар во Македонија ја напуштил земјата. Според податоците, државата е меѓу првите 20 земји во светот со најголем одлив на кадар, а се наоѓа на 5 место во рамки на Европската унија.
Ова го изјави државниот ревизор Максим Ацевски пред собраниската Комисија за економски прашања. Во својот извештај, Ацевски ги презентираше резултатите од ревизијата за ефективноста на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри, подготвена од Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Според него, Владата не успеала да воспостави ефективни мерки за намалување на одливот, што резултира со просечен годишен одлив од околу 2.500 високообразовани кадри во периодот 2013-2021 година. Ова значи дека државата вложува 44,7 милијарди денари или 0,8 проценти од годишниот БДП во кадри кои потоа заминуваат.
Извештајот проценува дека вкупниот негативен ефект од загубените потенцијални приходи во државата е околу 8,34 проценти од БДП годишно, кога ќе се земе предвид и загубената инвестиција во образованието. Ацевски посочи дека, иако имало стратегија за справување со овој проблем, таа не донела очекувани резултати и не е продолжена со нови мерки и активности по истекот на важноста во 2020 година.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ги потврди разочарувачките податоци, нагласувајќи дека за справување со овој проблем е потребен мултиресорски пристап. Таа истакна дека министерството работи на осовременување на студиските програми и усогласување со пазарот на трудот, со цел младите да бидат заинтересирани да останат и да придонесуваат во земјата.
– Ќе ревидираме квоти за упис врз основа на реалните потреби во општеството – додаде Јаневска.
Таа посочи дека се разгледува и ревизија на стипендиите за дефицитарни струки, како и на шангајските стипендии, при што ќе се подобри мониторингот и поврзувањето на студентите со компании, наместо со ограничените можности што ги нуди администрацијата. „Размислуваме за повеќе можности за младите преку програми како Хоризонт и Еразмус“, изјави Јаневска.
Пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ предложи дека е неопходно да се вложи во конкретни мерки за задржување на младиот кадар, прашувајќи за ефективноста на постојните хабови за стартапи, бидејќи нема видливи резултати. Според него, без развиен пазар, тие мерки нема да имаат значителен ефект.
Претседателот на Комисијата, Бојан Стојановски, нагласи дека повеќе не може да се избегнува оваа тема.
– Потребно е мултисекторско решение кое ќе вклучи не само образовните институции, туку и министерствата за труд и финансии -изјави Стојановски, додавајќи дека иселувањето е глобален проблем, но дека земјата мора активно да работи на негово намалување.