„Не треба да заборавиме дека порано или подоцна Израел ќе ја плати цената за овој геноцид кој се случува една година и сè уште трае“.
Вака напиша турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на социјалната мрежа Икс.
„Како што Хитлер беше запрен од сојузниците, Нетанјаху и неговата мрежа на убиства ќе бидат запрени на ист начин. Свет без одговорност за геноцидот во Газа никогаш нема да најде мир“, додава Ердоган.
Тој повика Израел да биде казнет пред меѓународните судови и ги критикуваше западните земји дека го поддржуваат Израел.
„Она што беше масакрирано во живо на телевизија пред очите на светот во текот на минатата година е всушност целото човештво, сите надежи на човештвото“, пишува турскиот лидер.
Тој додава:
„Денеска со тага се сеќавам на десетици илјади луѓе кои беа масакрирани од убиствената израелска влада од 7 октомври и изразувам длабоко сочувство до моите уништени браќа и сестри во Газа, Палестинци и Либанци кои ги загубија своите сопружници, деца и семејства. На долгогодишната политика на Израел на геноцид, окупација и инвазија сега мора да ѝ дојде крајот“.